Успеавме да најдеме технолошко решение кое ќе го даде потребниот одговор на епидемиолозите со кого сме биле во контакт последните 14 дена, а притоа да нема никаков допир со нашите лични податоци, рече министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски на Телма, објаснувајќи ја мобилната апликација за справување со корона вирусот.
-Секој оној кој ќе ја симне апликацијата ќе му биде генериран сосема нов апликациски број (код) кој нема никаква врска со нас и нашиот датум на раѓање, мобилен телефон, матичен број. Тоа е нов код кој досега воопшто сме го немале и кога ќе дојдеме во радиус од два-три метри нашиот мобилен уред ќе ги зачува кодовите на уредите што биле во наш радиус – појасни Манчевски.
Тој истакна дека овие податоци ќе се чуваат само на нашиот мобилен уред и сите податоци постари од 14 дена по автоматизам ќе се бришат. Но доколку некој од граѓаните се покаже дека е позитивен на тестот за Ковид-19, Манчевки рече дека тој ќе биде повикан од страна на Министерството за здравство своеволно да ги предаде овие кодови.