883
Манчестер Јунајтед го бара детето на кое што тренерот Жозе Мурињо му го подари сребрениот медал, по церемонијата на доделувањето на медали, која се случи по завршувањето на натпреварот во Супер купот на УЕФА во Скопје, во вторникот навечер.
Имено, Мурињо отиде до трибината со навивачите на Манчестер Јунајтед, и го подари медалот на дете во публиката, а набргу потоа, преку официјалната Фејсбук страница на клубот, беше соопштено доколку некој го знае среќниот млад фан, да го контактира клубот.
,,Врвен гест од Жозе, што го подари медалот од УЕФА Супер купот на млад навивач! Дали некој го познава среќниот добитник? Ве молиме контактирајте не!’’ – објавено е на страницата на Манчестер Јунајтед.
,,Понекогаш кога ќе победам не ги чувам медалите, па можете да замислите кога ќе загубам’’– беа зборовите на Мурињо, кои што предизвикаа смеа на прес конференцијата по натпреварот во Скопје.
,, Јас ќе го ставам медалот некаде во мојата куќа, а за тоа дете, медалот е како месечина. Тоа беше мало дете во дрес на Манчестер Јунајтед, не знам од каде е. Мислам дека за детето, тоа е нешто што никогаш нема да го заборави’’ – одговори тој, на прашањето зошто го подарил сребрениот медал.
Вики Клинчарова