Во Неготино вечерва се одржува традиционалната Манастирска вечер, во манастирот Свети Ѓорѓи, и стотици посетители од целата земја доаѓаат на бесплатен оброк кој се приготвува во манастирските простории. Манастирската вечер се одржува по повод празникот Мала Богородица, и голем број на волонтери секоја година учествуваат во приготвувањето на оброкот. Се готви овчја јанија и грав, а оброците се служат денес, за вечера, како и утре, за ручек.
-Поради пандемијата настанот не се одржа изминатите две години, но во минатото се случуваше да поделиме и по 400 порции. Луѓето доаѓаат на вечера за здравје, палат свеќи во манастирот, оставаат дарови. Еден ден имаме посен, додека пак другиот ден имаме мрсен оброк. Сите производи со кои се приготвуваат оброците се донации од хумани граѓани или пак од приватни компании – раскажува нашиот соговорник, кој секоја година е вклучен во приготвувањето на манастирската вечера.
Појаснува дека голем број на луѓе изнајмуваат соби во манастирскиот комплекс и таму преноќуваат, а годинава бил обновен и споменикот на бабата Митра.
-Бабата Митра е легенда на манастирот и нејзината спомен плоча е реконструирана. За неа не се знае многу, освен дека за време на Втората светска војна во манастирот имало околу 20 заробени партизани, кои таа ги ослободила. Кога германските војници виделе што направила, го запалиле манастирот и таа жива изгорела во него. Настанот е опеан во народната песна за бабата Митра – раскажува тој.
Со Манастирската вечер во Неготино започнува стопанската манифестација Неготински панаѓур. Од утре, па во наредните три дена центарот на градот станува саем, на кои се продаваат најразлични производи, од текстил до мебел. Најавено е поставување на околу 300 штандови и се очекуваат гости од целата земја.
Вики Клинчарова