Мамо, јас напишав книга, ми рече Евгенија, и така почна цела приказна со романот!

by fokus

Евгенија Јанчева од Неготино, ученичка во петто одделение, вчера ја промовираше својата прва книга во локалната библиотека ,,Страшо Пинџур”. Станува збор за мини роман, насловен ,,Светот на Евгенија” во кој десетгодишното девојче ги овековечило ликовите на своите школски другарчиња, опишувајќи реални настани од нивниот живот.

Маја, мајката на Евгенија, за ,,Фокус” вели дека уште на пет години Евгенија научила да чита и била еден од најмладите членови во библиотеката.

-Постојано е со книгата или со некоја тетратка во рака, во која си пишува. Ова со мини романот, искрено, и мене ми дојде како големо изненадување. Еден ден минатата година додека работев нешто низ дома, дојде Евгенија со тетратката, ми ја подаде и ми рече – Мамо, јас напишав книга.

Бев изненадена и ја прашав каква книга напишала. Со оглед на нејзината возраст, искрено очекував некои детски песнички, раскази… Но кога ја зедов тетратката и почнав да читам, останав без зборови. Едноставно, напишаното не те остава да прекинеш, па продолжуваш со интерес да читаш, да дознаеш што се случило… На еден, би рекла, доста кул начин, опишани вистински случки со другарчињата, четиво кое доста ме изненади – раскажува мајката.

Откако го прочитала напишаното, таа првин се јавила кај нејзина пријателка, која е лектор. –Дали овде имаме книга? – ја прашала.

-Лекторката, и самата беше пријатно изненадена. Веднаш не охрабри да го реализираме проектот, мини роман, па се фрливме на работа. Цел тим се вклучи, пандемијата малку не успори, но сепак, на крај Евгенија ја доби својата прва книга. На промоцијата беа присутни и другарчиња кои се опишани во романот, има доста интересни случки од секојдневието на нејзините врсници, би им ја препорачала на сите да ја прочитаат – вели Маја.

Катерина Данаилова, директорка на локалната библиотека, за ,,Фокус” појаснува дека Евгенија со години е нивни член, и освен што позајмува книги, учествува во сите активности на библиотеката.

-Ова е само почеток, ни рече Евгенија, веќе започнав да работам на нова книга, продолжение на првата. Ја сакам дружбата со книгите, ќе има уште многу испишани страници.

Вики Клинчарова

Поврзани новости