Во текот на изминатата ноќ, малолетни лица предизвикале значителна штета во паркот во Капиштец. Според информациите од полицијата, тие го обиле багерот, го ставиле во функција, а потоа оштетиле паркирано возило. Покрај тоа, уништени се и кабли за системот за наводнување, што довело до голема материјална штета.
Полицијата веднаш изврши увид на терен и започна постапка за утврдување на одговорноста. Градоначалникот Горан Герасимовски ја осуди ваквата акција, апелирајќи до родителите да разговараат со своите деца и да им објаснат сериозноста на последиците од таквото однесување.
– Преминати се сите граници! Оштетен е јавен и приватен имот. Нарушена е безбедноста и јавниот ред. Не смее да се дозволи уништување на јавниот и приватен имот. Ваквото однесување мора да запре пред да се случи и нешто полошо. Повикувам на свест и одговорност – изјави Герасимовски.
Овој инцидент доаѓа само неколку месеци по слични настани во Капиштец, како што се обивањето и кражбата на општинскиот комунален пункт и уништувањето на реквизитите на детските игралишта. Општина Центар претходно објави видео снимки кои прикажуваат деструктивно однесување на младите лица на јавни површини.
– Безбедноста зависи од заедничкиот ангажман на граѓаните, Министерството за внатрешни работи и локалната самоуправа. Клучно е да соработуваме и комуницираме за да се спречат ваквите инциденти. Само со заедничко залагање ќе имаме мирни населби и сигурен живот за нашите граѓани – додаде Герасимовски.