Седумнаесетгодишно момче, заедно со уште тројца другари на возраст од 19 до 21 година, извршиле неколку кражби, пресретнувајќи случајни минувачи, низ Скопје. Од МВР информираат дека разбојниците се откриени и против нив се поднесени кривични пријави.
-Секторот за внатрешни работи Скопје – Единица за имотни деликти и малолетничка деликвенција – Одделение за имотни деликти и малолетничка деликвенција Карпош и Ѓорче Петров поднесе кривична пријава против Л.А. (21), Ф.С. (20), Џ.Ќ. (17) и Б.Е. (19), сите од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „разбојништво“ (првите тројца извршиле три кривични дела, а четвртопријавениот извршил едно кривично дело), казниво по член 237 од Кривичниот законик на Република Македонија, информираат од МВР.
Оттаму појаснуваат дека разбојниците кражбите ги извршиле неколку дена пред Нова Година.
-Пријавените ги извршиле кривичните дела во периодот од 27.12.2017 година до 30.12.2017 година на подрачјето на Карпош и Центар во вечерните часови и на тој начин се стекнале со противправна имотна корист од околу 80.500 денари.
На 27.12.2017 година околу 20.30 часот во Градски парк во Скопје, кај големото езерце, Л.А., Ф.С. и Џ.Ќ. со закана со нож на оштетениот му го побарале мобилниот телефон и пари, по што го турнале во езерцето. После тоа побегнале од местото на настанот.
На 28.12.2017 година околу 20.00 часот на ул. „Јордан Хаџиконстантинов-Џинот“, четворицата пријавени пресретнале четири малолетници и со закана со нож и метален боксирач од оштетните одзеле пари и мобилни телефони.
На 29.12.2017 година околу 22.30 часот на пешачката патека на кејот на реката Вардар, Л.А., Ф.С. и Џ.Ќ., со закана со ножеви, од две лица одзеле паричник и мобилен телефон. Пријавените физички нападнале едно од оштетените лица затоа што им се спротивставил. Откако го извршиле кривичното дело, Л.А. го продал телефонот на лице од с.Кондово. Лицето кое го купило мобилниот телефон подоцна заклучило дека телефонот не му припаѓал на продавачот. Настанот го пријавил во полициска станица, а мобилниот телефон го вратил.
По преземени оперативни мерки било утврдено дека можни сторители на кривичните дела се горенаведените лица. Подоцна, во полициска станица, пријавените биле препознаени од оштетените. По извршен разговор со четворицата пријавени, истите ги признале делата, информираат од МВР.