Кои веледрогерии вршеле увоз на биолошка терапија, колку контроли биле направени, има ли претставки од онколошки пациенти и какви неправилности утврдила Агенцијата за лекови – oва се само дел од пратеничките прашања до сегашни и поранешни директори на МАЛМЕД, на седницата за скандалот „Онкологија“.
-Се борам да стигнам до вистината по секоја цена, но е тешко да се гледаат претставници на институции кои изгледаат како да се обидуваат да избегнат допир со сето она што реално се случило, да добијат амнезија, да не знаат ништо, да одговараат со бенигни генерализирани одговори. Се прашувам има ли луѓе, каде се добрите деца од мојата генерација во оваа држава – рече Рашела Мизрахи, претседател на Анкетна Комисија.
Сведоци беа и директори на МАЛМЕД кои многу краток период биле на функцијата, и не можеле многу работи да спроведат и контролираат.
-Ние не можеме да утврдиме политичка одговорност за толку краток период, а ниту стручна кога ги поставуваат политичари. Сведоци сме дека секоја година се менуваат министри кои си носат свои кабинетски тимови и тоа е нездраво за здравството – вели пратеничката Гордана Силјановска Давкова.
Иако немаа одговори на голем број прашања, поранешниот директор и сегашен заменик директор нагласи какви лекови има на пазарот.
-Одговорно тврдам како дел од МАЛМЕД дека лековите кај нас се од проверен квалитет и од реномирани производители – вели Робер Беќировски, поранешен директор на МАЛМЕД.
Утре на седница на Анкетна ќе бидат претставници од ДСЗИ, а во понеделник клучните сведоци од Клиниката за онкологија.