Помалите партии од владината коалиција, Демократски сојуз, ДОМ и ЛДП синоќа имале средба со премиерот Димитар Ковачевски за модифицираниот француски предлог со којшто Бугарија треба да го крене ветото за да почнат преговорите на земјава со Европската унија.
Од она што може да се заклучи од денешните изјави на дел од лидерите на овие партии коишто за првичниот француски предлог се заканија дека ќе излезат од влада доколку биде прифатен, синоќа не кажале остро „не“ за изменетиот предлог, но не дале ни безрезервна поддршка.
Претседателката на ДОМ, Маја Морачанин за „Фокус“ вели дека побарале од премиерот преговарачката рамка и протоколот да бидат преведени и објаснети на македонски јазик, за да може секој граѓанин да ги разбере и предлогот да се дискутира во Собрание.
Ковачевски, како што и претходно најави, се согласил предлогот да биде ставен да пленарна седница, а во текот на утрешниот ден се очекува документите да биде објавени преведени на македонски јазик.
За ДОМ е неприфатливо доколку билатералните прашања врзани за историјата и образовнието бидат дел од преговарачкиот процес.
– Ние 17 години чекаме почеток на пристапните преговори и ако билатералните прашања историски и образовни, бидат дел од преговарачкиот процес, тоа значи дека наместо да се мери напредокот на земјата во владеење на правото, човековите права, заштита на животната средина, ние бесконечно ќе се занимаваме со историски прашања. Неприфатливо е годишните прегледи или извештаи кои ги реферираат историските и образовните прашања да бидат дел од преговарачкиот процес, ни изјави Морачанин.
Таа вели дека позициите за македонскиот јазик, ќе нема ниту фуснота, ниту ѕвездичка, односно дека македонскиот јазик и идентитет се гарантирани.
Демократскиот сојуз на Павле Трајанов пак излезе со соопштение во кое бара од Владата да се преработи Преговарачката рамка и од неа да се отстранат билатералните прашања наметнати од Бугарија, при што рамката да биде согласно европските принципи и стандарди. По усвојување на Преговарачката рамка да започнат пристапните преговори преку отворање на поглавјата.
-Уставните промени со цел вклучување на Бугарите во Уставот, да бидат на реципрочна основа, при што Советот на ЕУ да донесе заклучок со кој ќе ја задолжи Бугарија да ги имплементира одлуките на Европскиот суд за човековите права во Стразбур за признавање на правата на Македонците во Бугарија, како што е правото на здружување, формирање на културни асоцијации, политичко организирање и сл. Посебно нагласуваме дека не смеат да се прифатат разговори за Македонските ревулуционери кои се во кодот на секој Македонец , како што се Гоце Делчев ,Јане Сандански ,Дамјан Груев и други револуционери. Да се прекинат било какви дискусии за заедничко славење на Македонските национални празници,Илинден итн, се вели во соопштението на ДС.
Од Либерално демократската партија засега не излегоа со свој став.
Ф.Ф.С.