Групацијата на мелничко-пекарската индустрија денеска донесе одлука од утре да прекине со штрајкот и да почне да произведува и да доставува бел и полубел леб по замрзната цена од 33 денари. Претседателот на Групацијата, Горан Малишиќ рече дека постапката ќе ја водат на правна основа.
„Пекарската индустрија е жртва на безумието и одлуките што се носат се на штета на пекарската индустрија. Одлуките што Владата ги донесе прават огромни штети и загуби на индустријата на месечно ниво кои се во износ од над 1,5 милиони евра. Поради наметнатите загуби, пекарската индустрија е принудена да се приспособи и да ги намали цените за одредени видови леб, но и да намали на бројот на вработени за да опстане во иднина. На овој начин индустријата во наредните три месеци, ако остане одлуката само за три месеци, ќе бара начин да опстане. Владата, како и пред носењето на одлуките така и по нивното носење, повеќе е од очигледно дека нема чувство за новонастаната ситуација и притоа е свесна дека со ваквите популистички мерки уништува стратегиска индустрија. Доколку оваа одлука помине сега во делот на производството на леб, тогаш истото ќе се случи и со остатокот на прехранбената индустрија, за што веќе сведочат и денешните изјави на премиерот дека се планира замрзнување на цените на производите и на други производи“ – рече Малишиќ по состанокот на членовите на Групацијата.
Нагласи дека од утре ќе има леб од 33 денари и дека ќе ја почитуваат владината одлука.
„Пекарите донесоа одлука од утре да почнат со производство и испорака на одредени видови на леб, бел и полубел, зависно според можностите на секоја пекарница за да може да им се излезе во пресрет на потрошувачите, но и да се опстане во периодов на погрешни одлуки што ги нанесува Владата. Во следната недела ќе почнеме интензивни консултации за правна постапка“ – додаде тој.