Малиот диктатор

by Fokus

Додека Заев сонува кога ќе порасне да биде Никола Груевски, ние – јас и моите пријатели, и понатаму ќе продолжиме да сонуваме и да се бориме Република Македонија да биде демократска земја, во која ќе се почитуваат и практикуваат вредностите врз кои е основана Европската Унија

 Самоил МАЛЧЕСКИ

Иако си ветив дека во услови на глобална пандемија ќе се воздржам од коментирање на дневно политички настани и ќе се обидам во моите колумни да зборувам за системските проблеми со кои се соочуваме, како и за мерките со кои би ги надминале, не можам да останам ладнокрвен на последната прес-конференција на Зоран Заев.

Слушајќи го како ревносно ги чита економските мерки, пред очите ми се појави слика од едно не така далечно време, па оттука и ми се појавија истите дилеми што ги имав и тогаш. И тогаш и сега не можам, а да не признаам дека Република Македонија има добро законодавство, со добро пропишани процедури.

Но, како и тогаш, така и сега морам да признаам дека има и добри фолиранти, лажни борци за демократија и правна држава, кои не го почитуваат тоа. Со ваквото однесување, Заев, по не знам кој пат, се стави над институциите на државата, дури мислам дека овојпат отиде и чекор понатаму – си ја откри вистинската намера.

Ваквото нахално однесување е одраз на диктатор, па да, нели сме прогласени за хибриден режим, ни фалеше уште диктатор кој очигледно си го добивме. Со ваквото диктаторско однесување, Заев покажа дека седиштето на владата е во неговата партија, на Бихаќка, а не во зградата на Илинденска. Покажа дека и Спасовски, Ангеловска и Бектеши се декор, во суштина тој е и премиер и министер за финансии и министер за економија, практично 3 во 1, а може и сè во едно.

 ДРЖАВАТА, ТОА СУМ ЈАС

Па така, без никакви законски надлежности кажува дека ќе крати плати, ќе замрзнува кредити, ќе дели буџетски пари и што уште не. Ова негово однесување, во суштина, покажува и дека не прави разлика меѓу партијата СДСМ и државата Република Македонија, нешто што го имавме како критика во последните извештаи на ЕУ, а кое и тој самиот го критикуваше!

Обидувајќи се да улови некој ситен политички поен во пресрет на одложените предвремени парламентарни избори, тој си го покажа вистинското лице и си ги откри вистинските намери. Во суштина и не треба да бидеме изненадени, особено што истиот тој Заев не реагираше и не се ни обиде да се извини по прогласувањето на неговото владеење за хибриден режим, а нели се бореше против режим и за демократија. Или, пак, се бореше за нешто друго.

Сета оваа налудничава состојба уште еднаш ја потврдува мојата теза дека во Република Македонија ништо не се сменило, напротив тонеме во уште подлабока криза. Па така, од заробена држава, сега сме држава окована во пранги. Доволен доказ за маргинализирањето на институциите на системот е тоа што претседател на владејачка партија, без никаква државна функција, од партиска говорница зборува во име на државата.

Притоа, тука треба да се додаде дека тој прес беше организиран само 15-тина минути по пресот на министерката за финансии, прес на кој, дали случајно или не, не беше одговарано на прашања поврзани со можните економски мерки од страна на владата за ублажување на економската криза, која неминовно ни претстои.

 ДЕКЛАРАТИВНИ ЗАЛОЖБИ ЗА ЕУ

Тука неизбежно е прашањето дали министерката намерно не одговараше на прашањата за мерките, оставајќи простор новиот „месија“ (читај диктатор), да излезе и да го објави планот за спас на македонската економија? Дали ваквото однесување е случајно?

Јас искрено не верувам во случајности. Очигледно е дека Заев добро ги ислушал сите незаконски снимени материјали и добро научил како државата да ја држи во хибриден режим и да диригира „трас трас“ одлуки. Прво тоа го слушнавме за Врховниот суд, сега го гледаме и со Владата на Република Македонија.

Дека ова однесување е неприфатливо и диктаторско, доволно говори и фактот дека ниту еден од лидерите на земјите-членки на ЕУ не се осмели на ваков брутален начин, од партиска говорница, да лови ситни политички поени. Па, оттука, како и многупати до сега, на виделина се појавија лажните заложби на Заев поврзани со нашето членство во Европската Унија. Ако овој човек навистина верува и се залага за европските вредности, тогаш треба и на дело да покаже дека нив ги почитува и ги практикува.

Затоа што почитувајќи ги европските вредности, тој никогаш нема да се доведе во ситуација да се прогласи за диктатор и државата, нејзините институции и судството да ги држи оковани во пранги. Во спротивно, бадијала ќе биде ако ние го хармонизираме законодавството со она на ЕУ, кога го имаме Заев и малите заевчиња околу него, кои ништо не почитуваат и практикуваат политичко насилие како начин на владеење.

ВЕЌЕ ВИДЕНА ПРИКАЗНА

Сето ова што се случува во деновите до и по техничката влада, почнувајќи од однесувањето на Заев, па сè до сервилноста на неговите поданици е веќе видена приказна. Ако порано беше актуелна максимата „Бранко е крив“, секогаш кога ќе се обидеше некој аргументирано да ја критикува власта, во последниот период актуелна е максимата „Грујо е крив“, само сега улогите се сменети.

Додека сето ова трае, анализирајќи ги сите постапки на Заев, почнувајќи од нахалното однесување, практикување на политичко насилие како форма на дејствување во парламентот и во општеството, доцнењето на пресови, партиските настани, промовирањето на т.н. изборни програми, па сè до последниот прес, во кој се прогласи за диктатор во хибриден режим, никако не можам да се оттргнам од констатацијата дека Заев кога ќе порасне сака да биде Никола Груевски.

И така, додека Заев сонува кога ќе порасне да биде Никола Груевски, ние – јас и моите пријатели и понатаму ќе продолжиме да сонуваме и да се бориме Република Македонија да биде демократска земја, во која ќе се почитуваат и практикуваат вредностите врз кои е основана Европската Унија.

Поврзани новости