Се надевам и посакувам да има разрешница и за високите функционери, а дали тоа ќе се случи, ќе зависи од тоа колку ќе бидеме подготвени да ги ослободиме институциите, јавното обвинителство и судот, од сите можни влијанија, пред сè од страна на високата политика и бизнис секторот, вели поранешниот антикорупционер Драган Малиновски во неделното интервју на Радио Слободна Европа.
-Најзагрижувачко е сознанието дека борбата против корупцијата била доверена на луѓе кои имале склоност и самите да се однесуваат несоодветно на позицијата која им била доверена. Тоа на некој начин е индикатор дека таа комисија не била посветена на задачите за кои била конституирана и задолжена согласно законот, туку едноставно своите функции ги подредувала на некои други цели. Првиот чекор што би требало да се направи е да се изберат нови членови, да се пополнат местата на овие што поднесоа оставки, меѓутоа треба да се има предвид дека пополнувањето ќе оди само за период да се доработи нивниот мандат, мислам дека се работи за една година или година и нешто, колку што новоизбраните ќе треба да доработат, толку ќе биде нивниот мандат. Тоа можеби не е некоја идеална околност да се ангажираат или да се прифатат на таа функција луѓе кои навистина сакаат нешто да направат на подолг период. Меѓутоа, што е тука е, мора да се пополни.