Мали: Србија ќе складира 500 милиони кубни метри гас во Унгарија

by Fokus

Министерот за финансии Синиша Мали изјави во Будимпешта, по средбата со унгарскиот министер за надворешни работи и трговија Петер Сијартo, дека е договорено Србија во текот на претстојната зима да складира 500 милиони кубни метри гас во Унгарија, јави дописникот на МИА од Белград.

Договорот беше прецизиран откако српскиот претседател Александар Вучиќ и унгарскиот премиер Виктор Орбан во Нови Сад на отворањето на Меѓународниот земјоделски саем се договорија Србија да складира меѓу 300 и 500 милиони кубни метри гас во Унгарија.

По средбата, Мали за новинарите изјави дека врз основа на денешниот договор Србија ќе може да повлече три милиони кубни метри дневно од унгарските складишта во октомври, шест милиони кубни метри дневно во ноември, декември и јануари и три милиони во март.

Министерот Сијарто рече дека денешните договори се доказ за стратешкото пријателство меѓу двете земји.

-Гасот за нашиот сосед ќе го складираме за следната зима, бидејќи имаме повеќе од шест милијарди кубни метри складишен капацитет. Нема да го поддржиме предлогот на Европската унија за нафтено ембарго кон Русија додека не се најде решение кое ќе ја гарантира енергетската безбедност на Унгарија, изјави Сијарто.

Министерот Мали изјави дека е договорена заедничка инвестиција во изградба на интерконектори за пренос на електрична енергија меѓу двете земји, за да може вишокот по потреба да се пренесе во Србија и Унгарија и дека е договорено поврзување на електроенергетските мрежи на двете земји, што ќе трае во наредните шест до осум години, за да може да се разменува струјата.

Поврзани новости