МАЛИ, СИТНИ И ПРОКЛЕТИ ДУШИ

by fokus

Трагично е што навредите, омаловажувањата, етикетирањата, лагите и измислиците потекнуваат и доаѓаат од луѓе, кои никогаш ништо ниту направиле, ниту постигнале, ограничени и во мислата, и во развојот, кои, наместо аргументи и факти, користат навреди и лаги затоа што се полуписмени и необразовани, пред сѐ општествено и социјално, а потоа и академски и интелектуално

Пишува: Звонко ДАВИДОВИЌ

Читам и слушам безброј навреди за секого кој се дрзнал да биде независен кандидат, за секого кој има различно мислење од партиските овци, за секого кој е над просекот, невоспитаноста, простотилакот, глупавоста и полуписменоста.

Нека не ги секира озборувањето, лагите и навредите, затоа што секој од нас, барем еднаш, сретнал едно магаре што измислува лаги, неколку свињи кои тие лаги ги прераскажуваат и многу овци што веруваат во тие лаги.

ОЗБОРУВАЊА

Треба да се свесни дека озборувањето е како евтин кармин и секогаш можеш да го најдеш на усните на евтините луѓе. Најчесто луѓето озборуваат поради три причини: кога се под твоето ниво и не можат да те достигнат, кога немаат она што го имаш ти, или кога пробуваат да те копираат, ама не им оди.

Дури и песот понекогаш се засрамува од своето лаење и ја подвиткува опашката, но некои луѓе никогаш не се срамат од своето однесување. За таквите луѓе песот е човечиште.

Трагично е што навредите, омаловажувањата, етикетирањата, лагите и измислиците потекнуваат и доаѓаат од луѓе, кои никогаш ништо ниту направиле, ниту постигнале, ограничени и во мислата и во развојот, кои наместо аргументи и факти користат навреди и лаги затоа што се полуписмени и необразовани, пред сѐ општествено и социјално, а потоа и академски и интелектуално.

Тоа се луѓе без лик и име, со лажни профили, луѓе скриени зад мониторот и партиската книшка, без свое мислење и идентитет, обземени од лутина и гнев поради сопствената безначајност и сопствениот страв.

Таквите луѓе се лажни патриоти, како што е сѐ друго во нив и на нив лажно. Тие се патриоти само на Фејсбук, пишуваат против Грција и се колнат во Македонија, а брзаат во

Грција и чекаат со часови на граничниот премин и кога ги прашуваат од каде се, патриотски шепотат „from Skopia“. Тие во странство зборуваат најлошо за својот народ и државата, а овде изигруваат патриоти, копнеејќи да заминат на работа во странство. Ама ни таму не можат да отидат, бидејќи не ги бива за работа, ништо не знаат да работат, освен да шират лаги и навреди куцкајќи на Фејсбук.

ИСКОМПЛЕКСИРАНОСТ

Не можат, и да сакаат, да изнедрат своја мисла и став, затоа што се неписмени, необразовани, затоа што не читаат и не учат, затоа што се полтрони со свиткан грб пред партиската врхушка, мали, ситни души скриени во темнината на сопствениот страв и немоќ.

Таквите створови, далеку се од луѓе, само скриени се силни, зад екранот, лажниот профил и туѓата слика. Така безлични, свесни за својата безвредност и безначајност, го искалуваат својот гнев и фрустрација, својата искомплексираност на секого кон кого лидерот ќе впери прст.

Ваквите створови се производ и виреат само во партизирани и заробени држави, држави во кои владее анархија, а се прикажува како слобода, во кои владее беззаконие, а се прикажува како демократија. Таквите ликови се можни и виреат само во симбиоза со ситните мали души што се самопрогласиле за патриоти, политиканти, кои се претставуваат како политичари, со подлите, проклетите и мрачни души што се самонарекле великани.

Токму затоа тонеме и како држава, како општество и како народ, ја искривуваме и дозволуваме да ни ја искриват историјата и вистината, да ни го затрат огништето и традицијата, да ни ги испоганат обичаите, да ни ги сменат потеклото, корењата и името.

Поврзани новости