Мали пилјари во сите градови започнаа благородна празнична мисија: Ако имаш донеси, ако немаш понеси!

by Fokus

Ако имаш донеси, ако немаш понеси, истакнат натпис кој деновиве може да се забележи пред се повеќе пилјари ширум сите градови и села во земјава, а под него закачени ќеси со овошје, зеленчук, прехранбени производи… Оваа благородна празнична мисија годинава започна во пилјара во Гевгелија, за да потоа ја прифатат и десетици други пилјари во многу градови.

Станува збор за акција со цел да му се овозможат празници со достоинствена трпеза на секое семејство, а истата со години наназад се практикува во многу земји во светот. Купувачите во пилјарите, доколку се во можност, можат да испазарат производи и потоа во ќеса да ги закачат на одреденото место, од каде пак семејства во социјален ризик можат да си ги земат. Иако овој начин на покажување солидарност и подадена рака за празниците е релативно нов во Македонија, сепак наиде на големо одобрување и прифаќање од широката јавност.

                                              -Во овој живот со забрзано темпо, нема многу губење на време, туку оние кои сакаат да помогнат го прават тоа истовремено додека пазарат за себе. За сто или 200 денари, со секоја оставена ќеса, оние кои донираат прават добрина и ја шират божиќната магија – да се покаже грижа кон секој еден во општеството, да се олесни нечие секојдневие. Сите кои оставија ќеса со производи си заминаа со насмевка, затоа што убаво е чувството кога знаеш дека некому молкум си му помогнал – раскажуваат продавачи од пилјара во внатрешноста.

Во соседна Србија пак, освен ќесите со свежа храна, во тек на празниците е актуелна и акцијата со подарување на топли јакни, кои граѓаните ги врзуваат околу дрвјата во центарот на градот, а бездомни лица и луѓе во социјален ризик на кои им е потребна топла облека можат да си ги земат.

Вики Клинчарова

Поврзани новости