Стимулирањето на проактивната транспарентност на јавните институциите како нишка на демократските процеси и еден од столбовите во реформата на администрацијата, беше тема на конференцијата „Што ги интересира граѓаните? – Подобрување на системот за слободен пристап до информации од јавен карактер“ организирана од страна на Центарот за управување со промени (ЦУП) во соработка со Заменичката на Претседателот на Влада Славица Грковска задолжена за политики за добро владеење и Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер .
– За пошироките позитивни импликации од проактивната транспарентност на институциите говорат добрите примери од праксата на развиените држави. Кога Велика Британија решила да ги отвори податоците за интра-хоспиталните инфекции во сите болници во државата, нивните услови се подобриле без посебна интервенција од нивната Влада, туку поради големиот притисокот на јавноста. Така, транспарентноста отвара можност за општествена трансформација, рече извршната директорка на ЦУП Неда Малеска-Сачмароска.
Таа потсети дека е многу важна транспарентноста во процесот на добро управување и голема е потребата од нејзино подобрување.
– За таа цел ЦУП изготви нацрт Упатство за подобрување на транспарентноста на институциите од јавниот сектор кој е производ на анализа на најбараните информации од јавен карактер кои граѓаните ги барале од институциите во изминатите години, и ги категоризира во 37 области, со што дава увид за тоа кои информации институциите треба да ги објавуваат согласно нивната специфична надлежност, додаде Малеска Сачмароска.
Заменичката на Претседателот на Влада Славица Грковска додаде дека заедно со ЦУП изготвиле список на информации кои понатаму ќе станат обврска да бидат објавувани на веб страниците на институциите.
– Ни претстои дигитална трансформација на општеството и сакаме да бидеме чекор напред и да го зголемиме проактивниот пристап во објавување на информации преку веб страниците на институциите и на тој начин да ги отвориме максимално, додаде таа.
Според директорката на агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер Пламенка Бојчева, многу е важно да се почитува законската обврската на институциите.
-Институциите како иматели на информации од јавен карактер, се должни самоиницијативно и редовно да го ажурираат објавувањето на прописи, документи, одлуки и информации кои се важни за нивниот делокруг на работење на своите веб страници, рече таа.
Бојчева посочи дека според анализата на Агенцијата, граѓаните најчесто ги интересира структура на вработени и основ за нивен ангажман, постапки за јавни набавки и склучени договори, стратешки документи како и буџети и финансиски извештаи на институциите.
Вториот панел од конференцијата беше посветен на важноста и достапноста на податоците и информациите кои ги поседуваат институциите како и значењето на податоците и информациите за граѓаните, за академската заедница, за граѓанскиот сектор, како и за приватниот сектор и бизнисите.
– Големо е значењето на објавувањето на информациите од јавен интерес кои ги генерираат, поседуваат и обработуваат институциите од јавниот сектор, но исто така беше потенцирано дека од исклучително значење е и квалитетот на објавената информација и нејзината достапност во отворен формат која може потоа дополнително да се обработува и користи, рече проектната координаторка во ЦУП Бранка Минчева.
Таа додаде дека е потребен системски пристап во поттикнувањето на проактивната транспарентност, но и дополнително подигнување на свеста и унапредување на системот за пристап до информации од јавен карактер, како и дека објавувањето на јавните информации има една поширока општествена импликација, имајќи го предвид значењето на информациите во процесите на креирање на јавни политики базирани на соодветни анализи и знаење.
Во овој процес, Упатството изработено од страна на ЦУП е една од алатките за негово подобрување и зајакнување, но и придонес кон остварување на зацртаните цели во реформата на јавната администрација, особено во Областа 3. Одговорност, отчетност и транспарентност на институциите
Финалната верзија на нацрт Упатството за подобрување на транспарентноста на институциите од јавниот сектор ќе биде објавена на веб страницата на ЦУП www.cup.org.mk
Конференцијата е организирана во рамки на проектот „Поттикнување на добро управување и реформи во јавната администрација“, спроведен од ЦУП а поддржан од National Endowment for Democracy (NED).