Партијата Граѓаните за европски развој (ГЕРБ) на поранешниот премиер Бојко Борисов и антиелитистичката партија Има таков народ (ИТН) се скоро еднакви по бројот на освоените гласови на парламентарните избори во Бугарија во неделата (11 јули), според повеќе од 95 проценти од гласовите.
Според Централната изборна комисија, ГЕРБ освои 622.591 глас или 23,91 процент, а партијата ИТН, основана од популарниот телевизиски забавувач Слави Трифонов, освои 616.076 гласови или 23,66 проценти.
Бугарската социјалистичка партија (БСП) исто така влезе во парламентот со 13,6 проценти од гласовите, либералниот прозападен сојуз Демократска Бугарија со 12,6 проценти, Движењето за права и слобода (ДПС), кое главно го поддржуваат етничките Турци, со 10,6 процент, и новиот сојуз на левиот центар „Крени се! Мафијата надвор!“, кој неодамна го основа поранешната заштитничка на граѓаните Маја Манолова, со пет проценти од гласовите.
Аналитичарите шпекулираа дека ИТН може да се обиде да формира коалициска влада со либералниот сојуз Демократска Бугарија и реформски ориентираната „Крени се! Мафијата надвор!“, пишува Радио Слободна Европа на англиски јазик.
Сепак, трите партии може да не успеат да го добијат мнозинството потребно за формирање влада и може да бидат принудени да побараат поддршка од некои членови или на Социјалистичката партија или на Движењето за права и слободи.
Тесната трка ги потенцира длабоките поделби околу наследството од долгогодишното владеење на Борисов, со растечкиот гнев во јавноста поради раширената корупција, оценува Ројтерс, додавајќи дека аналитичарите велат дека ГЕРБ, и ако освои најмногу гласови, тешко ќе формира владејачка коалиција.
Популарниот ТВ-водител и забавувач Слави Трифонов ја води партијата Има таков народ.
Резултатите носат можност за нови избори во потрага по стабилна влада преку формирање коалиции и сојузи со помали партии, оцени агенцијата Франс прес.
Изборите во Бугарија се одржаа на 11 јули, само три месеци по гласањето на кое ниту една партија не успеа да освои мнозинство.
Вкупно 23 партии и коалиции се натпреваруваа за 240 места во парламентот.
Новите обвинувања за злоупотреба на владините средства во администрацијата предводена од ГЕРБ ја намалија поддршката за партијата на Бојко Борисов пред гласањето.
Бугарија е најсиромашната земја во Европската Унија и се смета за една од најкорумпираните во Унијата. Изборната кампања не направи многу за да се промени таа перцепција.
„На овие избори станува збор за сосема фундаментално демократско прашање: како да ја подобриме работата на владата и кои ќе бидат најдобрите владини менаџери“, изјави Боби Филипс, професор по политички науки на Американскиот универзитет во Бугарија, за Радио Слободна Европа, додавајќи дека „поларизирачката етничка реторика или реторика за надворешните непријатели“ во голема мера отсуствувале во предизборната кампања.
Бугарија, која е и членка на НАТО, беше критикувана од западните партнери за корупција и назадување во владеењето на правото и слободата на медиумите.
Според индексот на перцепција на Транспаренси интернешнел за 2020 година, Бугарија беше на 69-то место, изедначена со Романија и Унгарија како најлоша во ЕУ.