Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ во рамки на официјалната посета на Брисел, денеска оствари тет-а-тет средба со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји на која било разговарано за дијалогот помеѓу Скопје и Софија, за европската перспектива на Западен Балкан, ситуацијата во Украина и последиците од неа.
– Од клучен интерес за сите е зачувувањето на стабилноста во регионот и ориентирањето кон уште поинтензивна соработка помеѓу земјите кандидатки и Унијата, рекол на средбата вицепремиерот Маричиќ.
Силна е поддршката и посветеноста на француското претседателство за постигнување договор и деблокирање на нашиот евроинтеграциски процес, вели вицепремиерот Маричиќ и на десет дена пред одржувањето на јунскиот самит и Конференцијата за Западен Балкан на француското претседателство порачува дека е потребно максимално да се искористи времето за постигнување европско решение помеѓу Северна Македонија и Бугарија, кое со лидерство од страна на ЕУ ќе стави европски печат на иднината на регионот, соопштуваат од Секретаријатот за европски прашања.