Куманово синоќа го прослави 11-ти Ноември, Денот на ослободувањето на градот со голем концерт на градскиот плоштад. Помеѓу музичките гости кои ја забавуваа многубројната публика беа Ѓорѓе Давид, Ивана Петерс, Таско, Пајак и други.
Пред илјадниците посетители популарниот рок музичар Ѓорѓе Давид го повика старо-новиот градоначалник Максим Димитриевски на сцената, кој пак на кумановци им се обрати на кумановски дијалект.
-Е то е наше Куманово, на еден плоштад имамо Македонци, Албанци, Срби, Роми, Власи, Турци, Бошњаци… Све, и све на купче, тој е Куманово! И затој сакам да ви ја честитам Ден на град на сите, да бидемо поносни на наши претци, пошто они су се борили за овој што ние сега имамо. А на вас млади да ви кажам, да ја чувате Куманово и да го чувате Македонију!- порача градоначалникот.
По неговото обраќање следеше огномет. Одбележувањето на 77 години слободно Куманово помина и со низа на други настани, покрај големиот музички концерт.
Се одржаа ликовни изложби, улична атлетска трка, празнична средба со поранешни градоначалници, промоција на книги и други културни настани.
Вчерашниот голем концерт беше во организација на Фондацијата за култура и спорт „Куманово“ – Куманово, под покровителство на Градоначалникот и Советот на Општина Куманово.
Вики Клинчарова