Франција ја поддржува европската перспектива на земјите од Западен Балкан и очекува земјите од Западниот Балкан да го докажат својот ангажман во три области, изјави претседателот на Франција, Емануел Макрон, во рамки на Берлинскиот процес посветен на Западен Балкан.
– Првата, од суштинско значење е земјите од Западен Балкан да ја зајакнат својата соработка. Токму затоа, срдечно ја поддржувам иницијативата за создавање заеднички регионален пазар, заснован на нормите и принципите на Европската Унија, вклучително и на четирите слободи на Европската Унија. Го поздравувам денешното усвојување на оваа нова иницијатива од страна на лидерите на шесте земји.
Второ, очекуваме од Западниот Балкан, од земјите кои го сочинуваат овој регион, да ги забрзаат структурните реформи со акцент на фундаменталните реформи како што се правната држава и економското владеење. Неопходно е да се постигне напредок во овие области за да се приближи регионот кон Европската Унија.
Трето, неопходна ни e поддршката на земјите од Западен Балкан за да ни помогнат подобро да се бориме против тероризмот. Додека опасноста станува сѐ поголема, како во Европската Унија, така и во регионот на Балканот, зајакнатата соработка и јасните пораки испратени до нашите општества ќе бидат од заеднички интерес за сите нас – рече Макрон.
Тој го честиташе усвојувањето на Зелената агенда за Западен Балкан, по моделот на Зелениот пакт на Европската Унија. Според него, тоа е знак дека регионот го присвојува ова прашање и претставува придонес кон приоритетните напори на Европската Унија во борбата против климатските промени и за заштита на животната средина.
– Зелената програма за Западен Балкан ќе помогне во ослободувањето на економскиот потенцијал на зелената економија во регионот и истовремено ќе овозможи подобра примена на Парискиот климатски договор. Ние сме подготвени да му помогнеме на Западниот Балкан во борбата против климатските промени – додаде Макрон.
Тој потсети дека земјите-членки на Европската Унија донесоа две важни одлуки на крајот од март кога се согласија за нова методологија која го прави процесот на проширување поверодостоен и поефикасен и одлучија да ги отворат пристапните преговори со Албанија и со Северна Македонија. Станува збор за отворена перспектива, а знаете колку Франција е строга по ова прашање, што истовремено значи и чесен однос меѓу едните и другите но и кон народите, нагласи францускиот претседател.
Во јули, Србија и Косово се согласија да го продолжат дијалогот кој беше прекинат 20 месеци. Спорот меѓу Србија и Косово е прашање на европската безбедност, што значи дека е од суштинско значење Европската Унија да ги предводи напорите за посредување меѓу двете страни со цел изнаоѓање конечно решение за овој спор.
Макрон потсети и дека промовирањето на регионалната соработка е главната цел на Берлинскиот процес уште од 2014 година, како и дека Европската Унија направи суштински напор да ја поддржи обновата на Балканските земји, силно погодени од пандемијата: пролетта, Европската Унија одвои 3,3 милијарди евра за да одговори на најургентните потреби и за борба против долгорочните последици од кризата со ковид. Пред неколку недели, Европската комисија го претстави економскиот и инвестициски план од 9 милијарди евра, што претставува значаен придонес за развој на регионот.