Макрон: Трамп може да смета на нас, но нема да молчиме за Маск!

by Fokus

Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека неговата земја е „цврст сојузник“ на новоизбраниот претседател Доналд Трамп и предупреди дека Франција може да ја изгуби почитта на идниот американски лидер доколку е „слаба и поразителна“, пренесува агенцијата Бета.

„Доналд Трамп знае дека има солиден сојузник во Франција, сојузник кој не го потценува, кој верува во Европа и има луцидна амбиција за трансатлантски односи“, им рече Макрон на француските амбасадори, на кои им ги презентираше надворешнополитичките приоритети на Париз во 2025 година.

На средбата во Елисејската палата, Макрон рече и дека Франција е посветена на зајакнување на соработката, а во исто време ги охрабрува европските земји да го зајакнат единството и издржливоста.

Трамп минатиот месец го посети Париз на церемонијата на повторно отворање на катедралата Нотр Дам, настан кој ги нагласи трајните врски меѓу Франција и Соединетите држави.

„Ако решиме да бидеме слаби и поразителни, има мали шанси САД под претседателот Трамп да не почитуваат“, предупреди Макрон.

Иако изрази отвореност кон Трамп, Макрон остро го критикуваше својот близок соработник, милијардерот Илон Маск, велејќи дека промовира „ново реакционерно меѓународно“ движење преку платформата Х, која ја поседува.

Без да го спомене Маск по име, Макрон се осврна на неговата поддршка за екстремно десничарската партија Алтернатива за Германија и на растечкото мешање на американскиот милијардер во изборите во европските земји.

„Кој можеше да замисли пред 10 години дека сопственикот на една од најголемите социјални мрежи во светот директно ќе се меша во изборите, вклучително и во Германија“, праша Макрон.

Тој предупреди на ризиците што ги носи неконтролираната моќ во рацете на технолошките милијардери и дестабилизирачкото влијание што тие би можеле да го имаат врз демократските институции.

Макрон го претстави влијанието на Маск како предизвик за европските демократски вредности, нагласувајќи ја потребата за европско единство и отпорност на надворешни нарушувања.

Зборувајќи за војната во Украина, Макрон укажа на потребата од „реални разговори за територијални прашања“, додавајќи дека „такви преговори можат да водат само самите Украинци“.

Тој ги повика САД да „помогнат да се промени природата на ситуацијата“ и да ја „убедат Русија да седне на преговарачка маса“, во исто време подвлекувајќи ја важната улога на Европа.

Европејците ќе треба да дефинираат безбедносни гаранции за Украина, што првенствено ќе биде нивна одговорност“, рече Макрон.

Тој додаде дека Трамп, кој ќе ја преземе функцијата на 20 јануари, „знае дека САД немаат никакви шанси да освојат нешто ако Украина загуби“.

Макрон, исто така, предупреди дека Западот ќе го изгуби кредибилитетот ако направи компромис поради замор, додавајќи дека капитулацијата на Украина би била катастрофална, не само за Европа, туку и за кредибилитетот на САД.

Поврзани новости