Францускиот претседател Емануел Макрон упати честитка до претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски по повод 8 септември, Денот на независноста.
-По повод националниот празник на Република Северна Македонија, во име на Франција и во мое лично име, Ви ги упатувам моите најискрени честитки. Сакам и да Ви го пренесам моето воодушевување за патот кој го поминавте по потпишувањето на Охридскиот рамковен договор пред дваесет години. Вашиот успех и успехот на вашата земја за помирувањето, за кое сведочи и Преспанскиот договор, служи како пример во регионот и пошироко. Франција и Европската Унија остануваат на ваша страна за стабилноста и за просперитетот на Северна Македонија и на Западниот Балкан. Ние ги поддржуваме сите иницијативи кои се во таа насока, особено Преспа Форумот за дијалог, вели Макрон во честитката, соопшти Француската амбасада во Скопје.
За време на посетата на вашиот претседател на Владата, Зоран Заев на 10 јуни годинава, посочува Макрон во честитката, ја повторив мојата желба да продолжиме да ги зајакнуваме нашите билатерални односи.
-Северна Македонија е сојузник и суштински партнер на Франција во Западниот Балкан. Француската стратегија за Балканот предвидува засилена поддршка од Франција за економскиот и социјалниот развој на регионот, особено преку Француската агенција за развој, која по потпишувањето на меѓувладиниот договор помеѓу двете земји на 21 февруари 2021 година, набрзо ќе започне со своите активности во Северна Македонија во областа на одржливиот развој.