Политико Европа во денешното издание ги анализира напорите на македонската дипломатија да ги убеди земјите членки и посебно францускиот претседател Емануел Макрон, да одобрат датум за преговори со ЕУ во најкус можен рок.
Шефот на македонската дипломатија Никола Димитров, во разговор со Политико Европа, вели дека неговата задача во овој поглед е да стави на знаење на Франција дека ќе биде тешко да биде видена како земја која се амбицира да ја води Европа, а истовремено ги пропушта можностите за успех во Европа.
Макрон, според Политико Европа, е еден од европските лидери кои ќе треба да се убедат на претстојниот Совет на ЕУ да одобрат зелено светло за преговори со Северна Македонија и Албанија, но, потенцира весникот, француската страна сѐ уште не заземала конечен став по ова прашање.Како што пишува авторот, за Македонија е посебно важно оваа година да добие датум за преговори со оглед на вложените напори во решавањето на спорот за името, кој цела деценија го попречуваше евроатлантскиот пат на земјата.
Во разговорот со Политико Европа, Никола Димитров потсетува дека политиката на проширувањето е показател за моќта на привлечноста на Европската Унија.
-Успеавме да ги ставиме земјите членки во фокусот и да создадеме атмосфера каде ќе биде речиси срамно да му се каже „не“ на македонското досие оваа година, затоа што одбивањето ја загрозува сериозноста на ЕУ кон регионот, кој е географски во Европа и опкружен со земји членки на ЕУ, така што во прашање сега е кредибилитетот на ЕУ, вели Димитров.
Но, според дипломатски извори во Париз на кои се повикува авторот на статијата, Франција сѐ уште нема јасен став за тоа дали ќе одобри преговори со Македонија и Албанија, или само на една од двете, ниту кога.
-Секогаш сме биле јасни дека избрзувањето во проширувањето е ризично затоа што има лицемерие, им даваме на овие земји чувство дека утре ќе бидат во Европа кога всушност за тоа треба многу време, и и даваме впечаток на јавноста дека има само политика на проширување наместо продлабочување на ЕУ прво, вели дипломат од Елисејската палата за Политико Европа.
Според Политико, Париз порачал дека одлуката за преговорите со Македонија ќе се постигне на „француско-германски начин“, односно дека двете водечки земји во ЕУ ќе се обидат да изнајдат компромис по ова прашање во рамки на пошироки дискусии за Европската Унија.