Францускиот претседател Емануел Макрон во интервју за телевизијата Франс2 зборуваше во новата политичка програма насловена „Светот во криза“, но беше прашан и за главните меѓународни прашања, како и за кризата со гориво што моментално ја погодува Франција, јави дописникот на МИА.
На прашањето дали Русија стана терористичка држава, како што тврди Украина, Макрон не сакаше да навлегува во квалификациите.
-Русија денеска е држава која реши да војува и која го наруши интегритетот на Украина, одговори францускиот претседател и притоа одби да зборува за терористичка држава, туку претпочиташе да зборува за „воените злосторства“ извршени од Русија.
„Испративме судии, а меѓународната правда треба да одлучи. Владимир Путин мора да стави крај на оваа војна и да се врати на преговарачката маса“, додаде тој.
Макрон, исто така, во интервјуто изрази уверување дека природата на конфликтот во Украина сега е сменета:
-Тоа што се случи (со експлозијата на мостот и нападите на почетокот на неделата) е фаза без преседан од почетокот на конфликтот со бомбардирање против основната инфраструктура и цивилите, рече тој.
„Ние не сакаме светска војна“, предупреди тој.
Претседателот ги повика и Украинците да се вратат на преговарачката маса, а, исто така, ја потврди желбата и самиот да продолжи да зборува со Владимир Путин:
-Кога се обидуваме да изградиме мир, мора да разговараме. Секогаш кога ќе биде потребно, ќе разговарам со Владимир Путин. Се надевам дека сите засегнати страни ќе дојдат на масата за дискусија што е можно поскоро, рече Макрон.
Францускиот претседател кажа дека сака да ја интензивира испораката на оружје во Киев.
-Од почетокот на војната ги испорачавме познатите хаубици „Цезар“, а Украинците ни се заблагодарија. Ќе продолжиме со тоа, вети тој. „Работиме на испорака на шест нови хаубицви „Цезар“, потсети претседателот. Притоа тој ја спомена и испораката на ракети, противвоздушни системи и радари.
-Не можеме да испорачаме онолку колку што бараат Украинците, бидејќи мораме да задржиме нешто и за да го заштитиме нашето источно крило. Ние ја штитиме нашата национална територија. Во Романија распоредивме војници и опрема уште од првите денови. Го зајакнуваме нашето присуство.
„Отсекогаш им ја кажував вистината на Французинките и на Французите. (…) Русија е опремена со нуклеарно оружје. Франција, исто така. Во ова прашање, нашата доктрина е јасна. Одвраќањето работи. Колку помалку зборуваме за тоа, толку помалку се зголемува заканата и сме покредибилни. Премногу луѓе зборуваат за тоа, се согласи Емануел Макрон, на прашањето за „ризикот од нуклеарна апокалипса“ што го спомна Џо Бајден.