Францускиот претседател Емануел Макрон денеска, 23 декември – го прогласи за ден на национална жалост за жртвите на циклонот „Чидо“, кој минатата недела го погоди францускиот остров Мајот во Индискиот Океан.
„Ние сме еден народ. Прогласувам национална жалост за понеделник, 23 декември. Нашите знамиња ќе бидат на половина копје. Ги повикуваме сите француски граѓани да оддадат почит во 11 часот“, напиша Макрон на платформата Х.
Макрон, кој денеска пристигна во Мајот, претходно рече дека следниот ден ќе отпатува во области подалеку од главниот град Мамуџу.
Утре претпладне тој ќе ги посети областите каде што живееше речиси една третина од населението пред циклонот и кои беа во голема мера уништени, објави BFMTV.
Nous sommes une Nation.
Nous partageons tous la peine des Mahorais.
Je décréterai le deuil national pour ce lundi 23 décembre. Nos drapeaux seront en berne. Tous les Français seront invités à se recueillir à 11h.
— Emmanuel Macron (@EmmanuelMacron) December 19, 2024
Макрон ќе ги посети и областите во внатрешноста, објави Елисејската палата.
Циклонот „Чидо“ минатата недела го погоди Мајот, каде според официјалните податоци загинаа 22 лица, а повеќе од 1.000 беа повредени. Францускиот министер за внатрешни работи Бруно Ретаљо во средата предупреди дека бројот на жртвите може да се мери во „стотици, ако не и илјадници“.
Населението на островот исто така се бори со водоснабдувањето, а струјата е исклучена во неколку делови од најсиромашниот француски регион.
На 17 декември, францускиот премиер Франсоа Бајру потврди дека Франција ќе усвои мерки во рамките на фондот на ЕУ за регионална итна помош за реконструкција.