Претседателот на Франција Емануел Макрон изјави дека сака побрзо проширување на ЕУ, но оти засега земјите-членки немаат донесено одлука во врска со тоа.
-Убедени сме дека треба да се движиме многу побрзо по ова прашање – рече Макрон по самитот на лидерите на ЕУ во Гранада, Шпанија.
Тој додаде дека се залага за поставување амбициозна и прецизна цел, но и дека во моментов е прерано за такво нешто.
Оваа есен ЕК треба да ги претстави препораките за отворање на пристапните преговори со Украина и Молдавија, кои добија кандидатски статус во јуни 2022 година.
-Постои се поголем консензус дека се соочуваме со вистинска трансформација на нашата геополитичка визија за Европа. Неколку од нас во ЕУ предложија метод и нова амбиција за проширување – додаде францускиот претседател.