Макрон не сака да биде вазал на САД, Трамп го нападна дека и се умилкува на Кина

by Фокус

Францускиот претседател Емануел Макрон не се кае што изјави дека Европа не треба да биде вазал на САД во врска со прашањето за Тајван.

-Кога ги гледаме фактите, Франција нема што да учи лекции од никого, ниту во украинскиот театар, ниту во театарот Сахел, ниту во тајванскиот театар – рече Макрон на заедничката пресконференција со холандскиот премиер Марк Руте.

Тој појасни дека да се биде сојузник со САД не значи да се биде вазал и дека „само затоа што правиме работи заедно што ќе одлучиме да ги правиме, не значи дека немаме право да размислуваме сами“.

На изјавата на Макрон бурно реагираа повеќе челници во Европа, но и во САД кои не се согласуваат дека Европа треба да биде трет пол, независна и од САД и од Кина.

Германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок ги минимизираше разликите во Европската унија по забелешките на Макрон за време на посетата на Кина.

Баербок истакна дека Макрон „уште еднаш нагласи дека политиката на Франција кон Кина ја одразува политиката на ЕУ кон Кина“.

-И покрај нашите разлики, една од силните страни на ЕУ е тоа што не само што сме блиски еден до друг, туку следиме заеднички стратешки пристапи за централните прашања од нашите интереси и вредности – рече Баербок.

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп, пак, изјави дека Макрон „му се умилкувал“ на кинескиот претседател Си Џинпинг за време на неодамнешната посета на оваа азиска земја.

-Овој луд свет се распаѓа, а САД ништо не се прашуваат. Мојот пријател Макрон заврши во Кина, умилкувајќи му се на претседателот Си Џинпинг, се е тоа во ред – рекол Трамп.

Поврзани новости