За прв пат од почетокот на насилните протести во Франција поради тоа што полицаец уби тинејџер (17), пред јавноста се обрати претседателот на таа земја Емануел Макрон. Како што рече, во наредните денови ќе има повеќе полиција на улиците и ги повика родителите „да си ги чуваат децата дома“.
Макрон претходно го напушти самитот на ЕУ во Брисел за да се врати во Франција на итен владин состанок поради немирите ширум земјата.
Говорејќи по итниот состанок на владата поради немирите што избувнаа откако полицаец во вторникот уби 17-годишник надвор од Париз, Макрон рече дека насилството се организирало на Интернет.
„Понекогаш имаме чувство дека некои од нив живеат на улица, во видео игри кои ги отруле“, рече тој, мислејќи на младите луѓе кои учествуваа во инцидентите, пренесува Гардијан.
Како што рече, околу една третина од 875-те уапсени по третата ноќ на насилство се тинејџери.
„Одговорност на родителите е да ги чуваат дома. Не е работа на државата да дејствува наместо нив“, рече Макрон.