Владата на францускиот претседател Емануел Макрон би можела да се обиде да го намами украинскиот претседател Володимир Зеленски, на мировни преговори со рускиот лидер Владимир Путин, нудејќи му прием на Украина во НАТО, пишува „Монд“.
Според францускиот весник, Макрон тоа би можел да го предложи веќе на самитот на НАТО, кој е закажан за 11 и 12 јули во Литванија.
Весникот „Монд“ пишува дека ваквото решение на војната во Украина било разговарано во францускиот Совет за безбедност минатиот понеделник.
– Макрон и неговите соработници се надеваат дека влезот на Украина во НАТО ќе спречи понатамошни непријателства – изјавил воен извор за францускиот весник.
Тој додаде дека француската позиција е поблиска до онаа на Полска, која се залага за итен прием на Украина во НАТО, отколку на онаа на Германија – дека Киев прво треба да исполни голем број критериуми пред да влезе во Северноатлантската алијанса.
Сепак, аналитичарите сметаат дека овој нов пристап на Макрон е погрешен. Тие потсетуваат дека Русија го смета НАТО за непријателска организација и сака Украина да биде неутрална земја.
– Затоа, мировниот план на Макрон за влез на Украина во НАТО нема никаква смисла – велат експертите.