– Со мојата денешна посета би сакал уште еднаш да испратам порака за пријателство од Франција до Србија и најодлучно да се изјаснам дека припаѓате на Европската унија – изјави францускиот претседател Емануел Макрон по средбата со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, при што беа потпишани низа билатерални документи.
Макрон рече дека во последните пет години има големи промени на светската сцена и дека во овој период има значително зголемување на соработката и воспоставување пријателство меѓу Франција и Србија.
– Во последните години многу напредуваше, но и се промени на меѓународната сцена. Нашата соработка доживеа нов подем, за што сведочат разговорите во Белград и Париз. Вашата земја припаѓа во Европската унија – рече Макрон.
Францускиот претседател се осврна на проектот „Аеродром Никола Тесла“, кој во моментов се одвива во партнерство меѓу Франција и Србија, како и на голем број проекти на кои овие две земји моментално работат или планираат да ги започнат.
Макрон посочи дека сегашниот фокус е формирањето на билатералните односи во контекст на нестабилната геополитичка ситуација во светот и дека партнерството со Србија е од големо значење за Франција.
– На Европската унија и треба силна и демократска Србија, а на Србија и треба силна и суверена Европска унија – рече Макрон.
Францускиот претседател посочи дека на полето на евроинтеграциите Србија ја ужива целосната поддршка од Франција во секој аспект и дека се радува на отворање на ново поглавје од преговорите во блиска иднина.
Макрон посочи дека е свесен оти Србија се стреми кон независност и суверенитет и истакна дека ЕУ тоа може да го гарантира благодарение на стратегиските економски политики што им ги гарантира на земјите-членки.