Макрон ќе бара заеднички јазик со Орбан

by fokus

Францускиот претседател Емануел Макрон, за време на неговата денешна посета на Будимпешта, вети дека ќе работи со унгарскиот премиер Виктор Орбан за области од взаемен стратешки интерес.

Иако ги призна своите политички несогласувања со лидерот на Унгарија, Макрон сепак најави дека ќе бара заеднички јазик со Орбан за стратешката автономија на Европа.

Говорејќи пред новинарите на самитот за источноевропските лидери во главниот град на Унгарија, Макрон призна дека има „добро познати политички несогласувања“ со Орбан. – Но, пред Франција да го преземе ротирачкото претседателство со ЕУ на 1 јануари 2022 година, Макрон рече дека е „подготвен со унгарскиот лидер да разговара за суверенитетот на Европа – односно што значи тоа“.

Од своја страна, Орбан рече дека на Европа и е потребна стратешка автономија во три области. – Ја поддржуваме политиката на заеднички европски одбранбени капацитети, нуклеарна енергија и силен европски земјоделски сектор, рече тој

Изворите на несогласување и тензии меѓу двајцата лидери ги вклучуваат правата на ЛГБТ и имиграцијата. Макрон пред неколку месеци укажа на „културна битка“ со Унгарија и некои од нејзините соседи, признавајќи го продлабочувањето на јазот со сè понаметливите нелиберални лидери што ја повредува кохезијата на ЕУ.

Областите во кои двајцата водачи најдоа заеднички јазик вклучуваат притисок врз ЕУ да ја промовира нуклеарната енергија и да ја признае како зелена инвестиција.

Поврзани новости