Макрон ја сака Брижит така, како што секоја жена мечтае да е сакана!

by fokus

Реизбраниот француски претседател Емануел Макрон и неговата сопруга Брижит, тој 44-годишен маж, еден од највлијателните во светската политика, таа 69-годишна, професорка во пензија, секако се еден од најекспонираните брачни парови кои веќе со години наназад го привлекуваат вниманието на јавноста.

Уште при самиот влез во политиката, односно во претседателската трка во 2017 година, кога за прв пат беше избран за претседател на Франција, Емануел ги наполни страниците на светските медиуми поради неговиот брак со 24 години постарата Брижит, која своевремено му била професорка во средното училиште, каде и се родила љубовта помеѓу нив.
Во тој период, Брижит имала 40 години, а пак Емануел 15, и учел заедно со нејзината ќерка Лоренс.

Тоа што веќе била во брак со банкарот Андре Луис и имале три деца, големата разлика во годините, ниту пак фактот што му била професорка, не ги запрело емоциите помеѓу неа и младиот Емануел.

-Скриена и тајна љубов, најчесто неразбрана од другите, со тие зборови францускиот претседател ја опиша нивната љубов, која одолеала на сите предизвици и парот се венчаше во 2007 година, една година по разводот на Брижит од првиот сопруг.

Сепак, и покрај тоа што веќе 15 години тие двајца секојдневно со својата љубов и близина ги демантираат сите оние кои им предвидуваа брз крај на врската, не престануваат предрасудите и коментарите поврзани со нив.

Чести се коментарите полни со чудење околу тоа, како Брижит го завела Емануел, кој во секоја пригода ја покажува и истакнува својата љубов и голема доверба која ја има кон сопругата, која му е најголема поддршка и во кариерата.

Интересен е податокот на неговата официјална страница, во делот каде е даден опис на неговото семејство, каде е наведено дека брачен партнер му е Брижит, а кучето Немо, лабрадор кој во 2017 година Брижит го вдомила од засолниште за бездомни кучиња, исто така е наведено дека е дел од неговата фамилија.

Што е она кое го има Брижит, со што успева да биде безрезервно сакана од Емануел, и покрај сите разлики кои за поголемиот дел од општеството се уште се на некој начин неприфатливи, е честа тема кога е овој пар во прашање.

Неговата внимателност кон сопругата, посветеноста, љубовта која не ја крие и се гордее со неа, неговата борба со неодобрувањето од околината и блиските, која траела долги години се додека на крај не завршила со брак, неговото неоткажување од саканата жена, се нешто по кое мечтае речиси секоја жена. Да се биде сакана така, како што Брижит е сакана од Емануел, безрезервно, без оглед на се, сепак е вистински благослов, често коментираат припадничките на понежниот пол.

-Љубовта со Емануел беше толку силна, што носеше се пред себе и ме доведе во развод. Ако не го направев тоа, ќе жалев до крајот на животот. Емануел велеше дека ако се венчаме, на сите ќе им ги затвориме устите. Така и направивме и јас сум уште вљубена во него како тинејџерка, раскажа за француските медиуми Брижит пред неколку години.

И додека вниманието на јавноста се уште е насочено кон разликата во годините на парот, Емануел самоуверено влезе во вториот претседателски мандат, гордо држејќи ја саканата жена за рака.

Вики Клинчарова

Поврзани новости