Макрон го презема лидерството со ЕУ, Франција навлегува во регионот

Францускиот претседател за 2 дена склучи договори за стратешко партнерство со Хрватска и Италија.

by Фокус

По најавите за повлекување на долгогодишната германска канцеларка Ангела Меркел и излегувањето на Велика Британија, Европската унија почна да страда од криза на лидершипот, која сега се надминува со преземањето на оваа улога од страна на францускиот претседател Емануел Макрон.

Во тој контекст, експертите ги толкуваат последните засилени активности на Макрон, кој вчера потпиша декларација за стратешко партнерство со балканската држава која традиционално важи за поблиска до Германија – Хрватска, а денес склучи договор за стратешко партнерство и со Италија.

Универзитетскиот професор и поранашен амбасадор, Нано Ружин, за Фокус вели дека Макрон ја надополнува празнината создадена поради кризата во ЕУ. Како што посочува тој, францускиот претседател е фаворит за победа на претстојните претседателски избори, по што, според него, се очекува да се засили збивањето на редовите во ЕУ, наспроти интересите на САД, Велија Британија, Кина и Русија.

-Договорите со Хрватска и Италија се пред се од економски и комерцијални причини. Хрватска купи воена опрема од Франција за да и конкурира на Србија, која купи опрема од Русија. Европа е заинтересирана да ја прошири геополитичката и геостратешката сфера на влијание, а Балканот е празен простор – објаснува Ружин.

Тој додава дека Франција има интерес да воспостави влијание врз Западниот Балкан, вклучително и врз Македонија, меѓутоа, како што нагласува, проблем е што оваа западноевропска држава нема големо економско влијание и позначајни инвестициски проекти, како што имаат други земји. Сепак, додава Ружин, тоа почнува да се менува.

-Македонија, Албанија, Косово имаат тенденција да инклинираат кон САД , зашто се разочарани од ЕУ. Тезата на Макрон околу проширување за западен е Балкан е значајна, за да ја стави под своја сфера Македонија. Овде нема големи француски инвестиции, но Француците беа заинтересирани да го добиат проектот за изградба на клиничкиот центар – вели Ружин.

Што се однесува со македонско-бугарскиот спор, тој вели дека Макрон директно се залага за отворање на преговорите на Македонија со ЕУ. Дури, според него, Франција жали што еднаш го одложи овој процес со барањето за усвојување на нова методологија. Ружин упатува на одредени информации, кои укажуваат дека Макрон му рекол на Румен Радев дека е многу важно Македонија да почне преговори со ЕУ.

Но, како што посочува Ружин, Бугарија игра на картата дека Макрон можеби нема да биде избран за уште еден мандат. Имено, потсетува тој, на иста карта играше Грција кога стави вето на нашиот влез во НАТО, но тогаш претседателот на САД и голем поддржувач на Македонија, Џорџ Буш, замина од функцијата, а сега Макрон е фаворит да продолжи да владее со Фрацнија, како и со ЕУ.

В.С.

Поврзани новости