Францускиот претседател Емануел Макрон вчера за време на посетата на Германија изјави дека признавањето на палестинската држава не е „табу тема“, но дека тоа мора да дојде во корисен момент, а не под влијание на емоции.
„Нема табу за Франција и јас сум целосно подготвен да признаам палестинска држава, но верувам дека ова признавање мора да дојде во корисно време. Нема да правам признание под емоции“, рече тој на заедничката прес-конференција со германскиот канцелар Олаф Шолц, пренесе Фигаро.
Евентуалното признавање на палестинска држава предизвика немири во француското Национално собрание, каде член на Непокорната Франција (La France insoumise) беше протеран откако го вееше палестинското знаме.
Претседателот на Собранието Јаел Браун-Пиве го осуди „неприфатливото“ однесување на пратеникот Себастиен Делогу и ја прекина седницата.
Државата Палестина досега ја признаа 145 од 193 земји – членки на ОН, според палестинските власти, но ниту една земја од Г7 не презеде таков чекор.
Претходно вчера Ирска, Шпанија и Норвешка објавија дека официјално ја признале независна Палестина, пренесува Танјуг.