Париз ќе продолжи да испорачува оружје на Украина, изјави францускиот претседател Емануел Макрон и најави намера да го координира за време на посетата на Киев во февруари. Тој посочи дека европејците и Французите ќе мора да донесат нови одлуки за да ја спречат победата на Русија.
– Заедно со испораките на оружје и договорите што ќе ги финализираме, планирам да ја посетам Украина во февруари. Ќе објавам завршување на работата на овие текстови, ќе започне испораката на оружјето за кое зборував – рече Макрон на прес-конференцијата.
Тој објасни дека Париз се подготвува да достави 40 ракети „скалп“ и „стотици бомби“ на властите во Киев. Во тој контекст, тој најави индустриски успеси кои ќе и овозможат на Франција да и испорача на Украина повеќе воени производи, поточно самоодни хаубици „Цезар“.
Францускиот претседател истакна дека испораките започнуваат „во реално време, веднаш по објавувањето“. Тој, исто така, вети дека ќе продолжи да го поддржува Киев се додека е потребно, вклучително и во продолжувањето на обуката на украинските војници.
Кога станува збор за договорот кој е во фаза на финализирање, а кој го спомена францускиот лидер, тој содржи безбедносни гаранции за Украина. Макрон вети дека работата на тоа ќе биде завршена во наредните недели. Претходно, сличен договор, во согласност со обврските преземени по самитот на НАТО во Вилнус, во Киев потпиша и британскиот премиер Риши Сунак.
– Европејците и ние Французите ќе треба да донесеме нови одлуки во наредните недели и месеци, меѓу другото, за да ја спречиме победата на Русија. Дозволувањето на Русија да победи ќе значи дека правилата на меѓународниот поредок што го дефиниравме повеќе не може да се почитуваат. За нашите балтички, полски и романски пријатели животот ќе стане невозможен, а не ги заборавам ниту Молдавија и кавкаските држави – истакна Макрон.
Францускиот претседател додаде дека е неопходно да се зајакне суверенитетот на Европа и нејзината желба да не зависи од САД особено во контекст на конфликтот меѓу САД и Кина.
– Светот е во немир. Ова првенствено се должи на тензиите меѓу САД и Кина, што може да влијае и на Европа. Токму затоа се залагам за посилна Европа. Франција не може сама да се спротивстави на оваа тензија. Ни треба суверена Европа која ги признава САД како сојузник, но не сака да зависи од неа. Во таа ситуација мора да бидеме еден вид столб на стабилност, на кој нема да влијаат американско-кинеските несогласувања – посочи Макрон.