Макрадули: Утрово пуштивме плата, вработените не треба да бидат загрижени

by fokus

На денешниот состанок ги уверивме двата синдикати дека како Управен одбор ќе продолжиме да работиме посветено за добробит на сите. Ги уверивме дека не треба да бидат загрижени за финансиската стабилност за исплата на плати. Денеска уште утрово, во законски рок, како што е предвидено, беше исплатена платата за сите 2.400 вработени, истакна на денешната прес-конференција генералниот директор на АД „Пошта“ Јани Макрадули.

Тој наведе дека на состанокот било договорено, по зголемувањето на минималната плата од 1 јануари, да се разговара како ќе го зголемат бодот, односно како да ја зголемат платата на вработените.

Макардули истакна дека по денешниот протест на вработените во АД „Пошта“ во Охрид, одржал состанок со претставници од двата синдикати, каде нагласил дека откако е составен новиот Управен одбор, од 11 ноември досега се потпишани 87 договори со нови комитенти.

Тој додаде дека во првите шест месеци од оваа година зголемени се приходите од поштенски услуги од писмоносни приходи за 10,3 милиони денари, приходите од пакети зголемени се за 1,7 милиони денари, зголемена е продажбата на марки на филателистичкиот пазар и приходите се зголемени за 0,9 милиони денари.

– За жал платниот промет којшто беше отежнат, односно не постоеше поради стечајот на „Евростандард банка“, сега го заживуваме со „Халк банка“, се уште во споредба со минатата година бележи загуби, но тенденцијата е дека сега веќе сме стигнати до неколку милиони трансакции, педесетина милиони денари од провизијата што ја имаме во однос 71/29, многу повеќе отколку што имаше во претходниот период со „Евростандард банка“, нагласи директорот на АД „Пошта“.

Инаку, денеска стотици вработени излегоа на предупредувачки протест пред објектите на Македонски пошти и го искажаа својот револт за, како што велат, лошите услови во кои работат. Тие побараа навремена исплата на плати, одржлив развој, инвестирање и одржување во основните средства за работа, како во делот на платниот промет, така и во делот на достава. Според нив, исплатата на месечните лични доходи на вработените се пролонгира со задоцнувања од месец во месец, се работи со дотраени средства за превоз на поштенските пратки, како и несоодветни униформи, што сето заедно неповолно се одразува на квалитетот на услугите што ги дава субјектот.

 

Поврзани новости