Со прогласување на поштата на еден од седумте најзагрозени споменици во Европа, ние го ставаме на виделина нашето европско наследство во опасност, подигнуваме свесност и го трасираме патот кон одржлива иднина на избраните локалитети, рече денеска генералниот директор на А.Д. „Пошта на Северна Македонија“, Јани Макрадули.
Листата на номинирани седум најзагрозени споменици и локалитети со наследство во Европа за 2021 година беше објавена вчера од страна на Европа Ностра – Европскиот глас на граѓанското опшество посветено на културното и природно наследство и неговата партнерска организација, Институтот на Европската инвестициска банка (ЕИБ). А.Д. „Пошта“ е дел од оваа листа.
Макрадули денеска на прес-конференција посочи дека избраните седум најзагрозени локалитети добиваат грант за наследство од Институтот на ЕИБ, во висина до 10 илјади евра по локалитет.
Тој потенцира дека оваа сума можеме да ја толкуваме како симболична, но, според него, таа е многу важна, затоа што вчерашниот избор е најдобрата апликација кон европските фондови.
– Се направи првиот чекор, не смееме повеќе да дозволиме нашата негрижа да биде пострашна од пожарот. Овој почеток нека биде поттик за мобилизирање на потребната јавна, стручна, меѓународна, но и поддршка на приватниот сектор, додаде директорот на „Пошта“.
Според Макрадули, неопходна е институционална, техничка и кадровска поддршка од Владата и другите релевантни институции, како и од целата научна и стручна јавност, но и тимска структура за јавен интерес.
Како што рече тој, солидарноста на секој чинител мора да биде катализатор за достигнување на крајната цел.
– Опожарената шалтер сала која се наоѓа во рамките на Зградата на А.Д. „Пошта на Северна Македонија“ и официјално стана дел од оваа листа. Како Пошта многу вложуваме во секој детаљ, при организација на секој јавен настап. Но, тоа што остана од овој архитектонски симбол по стравотниот пожар во 2013 година е отворен покрив и со големи ѕидови. Тажна и жална слика која никого не остава рамнодушен. За жал колку и да сакаме шалтер салата во овој момент е простор кој сам не може да се врати во првобитниот сјај, рече Макрадули.
Тој посочи дека просторот е изложен на атмосферски влијанија и климатски промени веќе цели осум години. Според него, нема дилема дека просторот треба наместо затворен и заборавен, да биде отворен и вратен и наместо под клуч, светот да го види преку окото на нашите врвни фотографи, а навечер осветлен.
Евроамбасадорот Дејвид Гир на денешната прес-конференција рече дека ЕУ целосно останува посветена на заштита на културното наследство и оти културните и креативните сектори се двигатели на економскиот и социјалниот раст и интегрален дел на европското чувство на припадност за тоа кои сме всушност ние.
– И во овие услови оваа зграда изгледа величествено. Поштата на Јанко Константинов беше една од знаменитостите којашто се појави. Никна од урнатините на земјотресот во 1963 година. Тоа беше дело на имагинација но исто така и на смелост. Скапоцен камен на т.н. бруталистичка архитектура во тоа време, но исто така и симбол на меѓународната солидарност што го одбележа периодот на реконструкција што следеше по 1963 година. Денес оваа зграда е празна и запоставена. Изложена на елементи но и на голема опасност, рече Гир.
Токму поради таа причина, додаде Гир, одлуката на „Европа ностра“ што беше објавена вчера е со цел да се стави оваа зграда на листа на седумте најзагрозени наследства во Европа што е од големо значење.
Тој порача и дека ова е аларм до сите, до Владата, граѓанското општество, бизнисот како и до обичните граѓани и меѓународната заедница, да делуваат, се со цел да ја спасат оваа знаменитост.
– ЕУ ја демонстрира својата посветеност преку финансии што се ставени на располагање, во кои досега Северна Македонија учествува рамо до рамо подеднакво со другите земји членки на ЕУ. Се надеваме дека ова културно наследство од исклучителна важност овој смел симбол на повторното раѓање на градот после земјотресот ќе се роди по втор пат. Меѓутоа сето ова зависи од нас и колку акција ќе преземеме затоа што ова им го должиме на нашите родители, ова им го должиме на идните генерации, подвлече евроамбасадорот.
Сузана Касовска Георгиева од ИЕГЕ рече дека значењето што сме на оваа листа, е во тоа што со оваа референца ќе бидат отворени останати европски фондови, на кои ќе можеме да аплицираме за да може овој објект да се реставрира и да се обнови.
– Апликацијата за избор на седум најзагрозени културни установи во Европа, започнала уште во 2019 година, при што номинацијата се поднела во 2020, за некаде во ноември да бидеме ставени на листата на 12 најзагрозени споменици во Европа за 2021 година, од страна на Европа Ностра, а вчера и во седум најзагрозени, додаде Касовска Георгиева на прес-конференцијата.
Како што нагласи таа, во државата ќе дојдат експерти од Европа Ностра, како и од Европската инвестициска банка кои заедно со нашите експерти ќе работат на правење на проценка а притоа ќе ги добијат и следните експертски ставови и мислења за понатамошни идни активности.
Како што додаде, целта на оваа номинација е подгинување на свесност на јавноста за културното и природното наследство и воопшто нејзините вредности.