Заменик министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули на попладенвната пленарна сесија на 23-тата Конференција на Страните на УНФЦЦЦ (СОР 23), информираше за напредокот на Македонија во правец на спроведувањето на Парискиот договор за клима.
Макрадули, како што информираат од неговиот кабинет, рекол дека Македонија пред десет дена го ратификувала Парискиот договор и дека со поголема посветеност се придружува на глобалните напори за справување со климатските промени и за овозможување нискојаглероден раст и развој.
– Посветени сме на #КлиматскаАкција! Но, мора да најдеме механизам за дополнителна финансиска поддршка со цел да ги спроведеме активностите кои се планирани во нашите стратешки документи за климатски промени. Како мала држава сместена на Балканот, со среден приход, немаме пристап до повеќе ресурси. Ова треба да се земе предвид, особено од страна на Зелениот климатски фонд, изјави Макрадули.
Без спроведувањето, посочи Макрадули, ратификацијата ќе остане само обично гласање.