Макрадули: Може да ни стане пракса еден ден во неделата да работиме и учиме од дома

by fokus

На иницијатива на заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули, а во организација на Фондацијата Фридрих Еберт, канцеларија Скопје и Еко-свест, Центарот за истражување и информирање за животна средина, преку видео-конференција се одржа средба на тема „Митови и факти за влијанието на коронавирусот врз животната средина“.

Како што соопшти владината прес-служба, заменик-министерот Макрадули остварил видео-конференција со Ева Елерајт од Фондација Фридирх Еберт, канцеларија Скопје и Ана Чоловиќ Лешоска од Еко-свест, Скопје и Франциска Веингер, Фондација Фридрих Еберт МЕНА.

– Целта на оваа средба беше да овозможи структурирана дискусија помеѓу претставниците на институциите, граѓанските организации, како и домашни и меѓународни експерти на темата, со цел увид во состојбата и креирање на препораки кои понатаму ќе бидат искористени за креирање на документ за јавни политики, односно водич за прогресивните субјекти во креирањето на политики, како и сите заинтересирани на темата, се вели во соопштението.
Макрадули во својот говор истакнал дека пост-ковид периодот треба да има три клучни компоненти: зајакнување на јавното здравство, економско опоравување и справување со климатските промени.

Според него, економското опоравување потребно е да се направи преку изработка на македонска верзија на Европскиот зелен договор. Во тој договор ќе бидат приоретизирани климатската акција, енергетската транзиција, биодиверзитетот, циркуларната економија, Планот за чист воздух, зазеленување на државниот буџет и дигитализацијата. Макрадули смета дека ова е единствено можно со заедничка интегрирана политика на сите чинители. Науката, граѓанските организации, приватниот сектор и јавните институции.

– Новиот договор треба да понуди рамка за преобликување на општеството, како и нов начин на размислување. Она што беа дел од мерките за време на пандемијата со КОВИД-19, мора да станат дел од нашето секојдневие. Може секој петок да се работи од дома. Среда да е ден без автомобили. Еднаш неделно да се учи преку електронските образовни платформи, нагласил Макрадули.

Дополнително, според него, во краток период треба да се прогласат повеќе подрачја и видови за заштитени. Природата преку „Nature Based Solutions“ да ја пренесеме во урбаните центри, додека транспортот преку smart mobility.

– Во новата „нормалност“ мора да влеземе со повеќе солидарност, каде што секој ден ќе биде Ден на планетата Земја. Повеќе солидарност и кон луѓето и кон природата, истакнал заменик-министерот Макрадули.

Поврзани новости