Макрадули ќе пушти инспекција во кочанскиот регион

by fokus

Министерството за животна средина и просторно планирање дава поддршка на локалната самоуправа на Кочани за решавање на проблемот со прекумерното искористување на геотермалната вода, за што ќе се преземат вонредни контроли, најави заменик-министерот Јани Макрадули при денешната работна посета на Општина Кочани.

-Согласно последните насоки од кабинетот на премиерот, според кои сите инспекторати се ставаат на располагање на Министерството за животна средина и просторно планирање, со асистенција од МВР, ќе побарам да се направи вонреден комбиниран инспекциски увид од повеќе инспекторати, кои се различни по природа, но секој од својата област може да придонесе за детектирање на проблемот, по што ќе следуваат мерки за негово решавање. Очигледно е дека е злоупотребено правото на концесија што го има добиено еден приватен концесионер, поради што сме загрижени за ниското ниво на геотермалната вода во басенот, но и за испуштањето на топлата вода во реката Брегалница со што се придонесува за уништување на биодиверзитетот, истакна заменик-министерот Макрадули.

Според него, по добивањето на резултатите од вонредната инспекциска контрола врз работењето приватниот концесионер на геотермална вода, ќе биде познато какви мерки ќе бидат преземени, при што не ја негираше и можноста да му биде одземена концесијата.

На средбата со заменик-министерот присуствуваа и членовите на Советот на Општина Кочани, кои на прес-конференција изнесоа едногласно барање до сите надлежни државни институции итно да преземат мерки против неконтролираното црпење на геотермалната вода, што како проблем се провлекува повеќе години.

Според податоците од комуналното претпријатие „Водовод“, кое стопанисува со системот „Геотерма“, пред почетокот на оваа грејна сезона е регистрирано опаѓање на нивото на геотермалната вода во подземниот басен за 55 метри, што е алармантна состојба. Како причина за тоа се наведува прекумерното црпење на водата од страна на приватен концесионер кој поседува оранжериски комплекс.

Поврзани новости