Заменик-министерот за екологија Јани Макрадули кој по хаваријата во ОХИС вчера соопшти дека состојбата е под контрола, излеаната течност е собрана и покриена со пилевина, денеска повторно ги смирува граѓаните.
-По вчерашните случувања во кругот на Охис, денес повторно е направен увид од страна на Државниот инспекторат за животна средина и од Лабараторијата АМБИКОН на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, ангажирана од страна на судот, за надзор на процесот и начинот на кој се одвива чистењето.
Инцидентот беше пријавен вчера од страна на граѓани кои почувствувале непријатна миризба, печење на очите и главоболки. На терен беа излезени сите надлежни институции и според информациите од Државниот инспекторат за животна средина целата излеана течност беше собрана уште во текот на вчерашниот ден. Информациите од надлежните институции беа дека е истечена вода од цистерна во која претходно бил складиран метил акрилат мономер. При миењето на цистерната попуштил вентил и течноста се излеала во бетонска када која е надвор од објектот поради што се почувствувала непријатна миризба во околината.