Бензинските станици низ светот својот бум го имаат околу 50-тите и 60-тите години на минатиот век, кога се и најбројни, по што следи постојано намалување на нивниот број на сметка на големината. Од почетокот на 2000 година, бензинските станици полека го менуваат фокусот од примарната продажба на гориво, на целосно искуство за возачите. Традиционалните бензински станици со една пумпа се заменети со сегашните модерни бензински станици, кои освен повеќе типови на горива сѐ повеќе нудат разни услуги, кафе и храна.
Задоволување на сите потреби на возачите и патниците се главен приоритет на модерните бензински станици, па така често на автопатите ќе сретнете големи бензински станици кои нудат бесплатен паркинг простор, тушеви и соби за одмор. Во населените места и градовите, повеќето бензински станици имаат и маркети, кафе-барови и перални.
Според Извештајот Fuel Europe 2020 на Асоцијацијата на нафтени индустрии, бројот на бензински станици во Европската Унија, заедно со Норвешка, Швајцарија и Турција во 2019 година изнесува околу 138 000.
Од нив најмногу се во Италија – 21 700, потоа следи Германија со 14 449 и Шпанија со 11 602 бензински станици.
Од регионот во Бугарија има 4 600, во Грција 6 400 и во Словенија 553 бензински станици.
Според податоците на Ритил-Индекс за Европа, најмногу бензински станици во Европа во 2018 година (последни достапни податоци) има Тотал – 8 250, потоа следи БП – 8 200, Есо – 6 050, Ени – 5 411, Шел – 5 392, Авиа – 3 000, Орлен – 2 836, Арал 2 400, ОМВ – 2 100 и Лукоил – 2 000 бензински станици.
Велика Британија има 8 385 бензински станици во 2019 година, што е намалување од околу 18 000 во 1992 година, и пикот од околу 40 000 во 1960 година.
Бензинските станици во изминатите десетина година еволуираат и не се потпираат, единствено, на главниот бизнис – продажба на горива, туку се приспособуваат на потребите на корисниците. Така, најголемите брендови своите бензински станици ги претвораат во ресторани со разна понуда на храна и кафиња или, пак, се спојуваат со познати синџири на супермаркети и продавници за брза храна.
Истиот тренд е присутен и кај нас и во регионот, па така сѐ повеќе возачите, освен основните проверки на пневматици и чистење на стакла, меѓу себе споделуваат која бензинска станица какво кафе или јадење нуди, дали има доволно паркинг места или тоалети, во каква состојба се компресорот за воздух или чисталката на стакла, како и кои горива ги нудат – што е основна дејност на бензинските станици.
Според податоците на последниот Извештај на Комисијата за заштита на конкуренцијата во Србија заклучно со 31 декември 2018 година на територијата на Србија имало околу 1 523 бензински станици.
Најголем број бензински станици 317 има Нафтена индустрија Србија – НИС што е удел од 21 процент. Потоа следат Лукоил со 7 проценти, Кнез петрол со 6 проценти и ОМВ – 4 проценти.
Според Извештајот на Регулаторната комисија за енергетика РКЕ за 2019 година во нашата земја тековно работат околу 371 бензинска станица. Најголем број бензински станици поседува Макпетрол – 127, потоа следува Лукоил – 31, ОКТА бренд со 27, додека останатите 186 се во приватна сопственост на повеќе домашни мали претпријатија.
ПР