Соработка со албанската Влада за подобрување на состојбата и зачувување на идентитетот на македонското малцинство во Албанија, најави заменик министерот за надворешни работи и надворешна трговија Зоран Димитровски на денешната средба во Корча организирана од партијата на Македонците во Албанија – Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ).
„Ако нашинците, Македонците во Албанија имаат добра економска ситуација нема да земаат бугарски пасоши и да се иселуваат надвор. Ние мораме да работиме и со албанската Влада, што е многу важно, да инвестира во овој регион. Инфраструктурно, во проекти за вработување, да се градат погони – рече Димитровски.
На иста маса седна македонската опозиција и позиција и ги слушна проблемите на Македонците во Албанија. Тие им се пожалија дека агресивната бугарска асимилација во Албанија е директно поддржана од албанските власти, а положбата на Македонците е крајно незавидна.
Љуфтим Спахиу, вршител на должност македонски амбасадор во Албанија, на средбата во Корча порача дека ако, до вчера говоревме дека основните човеков права, треба да важат и за „нашинците“ во другите региони а не само во регионот на Мала Преспа, денес говориме дека нашинците се соочуваат со притисоци и закани од една многу агресивна политика, а тоа е политика за асимилација.
„За оваа агресивна политика, Амбасадата во Тирана во минатото, секојдневно известуваше и предлагаше мерки за натамошно делување, со цел спречување на активностите на бугарските емисари. Одржани се средби со албанските институции, од Министерството за Европа и надворешни работи (МЕНР), Институтот за статистика (ИНСТАТ), МВР….и во соработка со МАЕИ и лидерот Васил Стерјовски, се издејствува апсење и притворање на неколку општински службеници во Албанија“, рече Спахиу.
Според него преку 400 страници материјали се доставени до македонските институциите, остварени се десетици состаноци со албанските институции, десетици медиумски реакции на МАЕИ, но сето тоа, како што рече, не вродило со посакуваниот резултат.
Стратегијата, како што информираат од МАЕИ, на денешната средба во Корча ја поддржале сите претставници на парламентарните политички партии, ВМРО ДПМНЕ, СДСМ, ЗНАМ, Демократски сојуз и Левица. На средбата присуствуваа Лилјана Затуроска и Лидија Петковска од ВМРО ДПМНЕ, Методија Илиевски од СДСМ, Катерина Тодоровска од ЗНАМ, Димитар Апасиев од Левица, Зоран Димитровски и Зоран Петров од Демократскиот сојуз и Љуфтим Спахиу, вршител на должност македонски амбасадор во Албанија.
Од страна на МАЕИ присутни беа претставници од областите на Мала Преспа, Голо Брдо, Гора, Врбник, како и од градовите Корча, Подградец, Елбасан и Тирана.