Највисока потрошувачка на вода во Скопје во последните десетина години е регистрирана на 6 август 2017 година, кога според мерењата од градската водоводна мрежа биле потрошени вкупно 353.558 кубни метри, што е околу 640 литри вода по жител.
На национално ниво, според податоците на Еуростат, трошиме 118,2 кубни метри вода по глава на жител, што нè прави рекордери во регионот со по околу 323 литри вода по жител на ден. Македонците на годишно ниво трошат повеќе вода од жителите на Словенија, Босна и Херцеговина, Бугарија и Косово заедно.
Скопјани трошат просечно околу 500 литри вода по човек во лето
Со почетокот на летната сезона и високите температури, од ЈП „Водовод и канализација” Скопје информираат дека се бележи и зголемена потрошувачка на вода во градот, но уверуваат дека изворот Рашче има доволно капацитет за задоволување на потребите.
– Штедроста на изворот Рашче има променлив карактер, па постојат години кога целосната потреба се задоволува со вода само од Рашче, но има и години кога е неопходно да се дополнуваат одредени количини вода и од бунарите. Годинава најголема забележана потрошувачка на вода имаше во јуни, 310.496 кубни метри за еден ден. Ако претпоставиме дека Скопје има околу 550.000 жители, може да се пресмета дека на секој жител отпаѓаат околу 560 литри на ден, се вели во соопштението од ЈП „Водовод и канализација” Скопје.
Историски, најголема потрошувачка на вода во Скопје има во јули и август. Сепак, од „Водовод” Скопје уверуваат дека има доволно вода за задоволувањето на потребите на градот. Зависно од природната хидролошка состојба на изворот Рашче, ако има потреба, во употреба се пуштаат и седумте бунари во бунарските подрачја „Нерези” и „Лепенец”.
– Природната штедрост на изворот Рашче се менува во опсег од три до седум кубни метри во секунда. За задоволување на потребите на градот се потребни околу 3,5 – четири кубни метри вода во секунда, посочуваат од претпријатието.
Во текот на годините вкупната загуба во водоводниот систем, според ЈП „Водовод и канализација” Скопје, се движи околу 60 проценти. Посочуваат дека тешко е да се одредат категориите на овие загуби, бидејќи тие вклучуваат реални технички дефекти, но истовремено и потрошувачка на вода за други намени што не се фактурираат, како што се полевање на градското зеленило, миење улици и други комунални потреби, чешмички за вода, кражби на вода и слично.
Потрошувачката на вода низ годините е стабилна и се движи околу 315 илјади кубни метри на ден. Според податоците на ЈП „Водовод и канализација” Скопје во последните десетина години, највисока потрошувачка имало на 6 август 2017 година, со 353.558 кубни метри на ден, што е околу 640 литри вода по жител на ден.
Максималната потрошувачка низ годините според податоците од ЈП „Водовод и канализација” Скопје е следна:
2018, 22 јули 320.338 м3/ден или 582 литри по жител
2017, 6 август 353.558 м3/ден или 642 литри по жител
2016, 13 јули 326.504 м3/ден или 593 литри по жител
2015, 22 јули 329.721 м3/ден или 599 литри по жител
2014, 8 јули 320.939 м3/ден или 583 литри по жител
2013, 6 август 331.169 м3/ден или 602 литри по жител
2012, 9 јули 337.945 м3/ден или 614 литри по жител
2011, 14 јули 335.185 м3/ден или 609 литри по жител
2010, 16 август 327.221 м3/ден или 594 литри по жител
2009, 29 јули 311.352 м3/ден или 566 литри по жител
Од ЈП „Водовод и канализација” Скопје им препорачуваат на своите корисници и граѓани на Скопје во летниот период водата да ја користат рационално за потребите во домот и да не се злоупотребува за неразумно полевање зеленило, разладување улици, полнење базени и други прекумерни потреби.
Водата е неопходна и за одржување на зелените површини и тревниците
Зеленилото и тревните површини низ градот се полеваат со вода од бунари или вода од водоводниот систем на градот, во зависност од условите. Од „Водовод” Скопје најавуваат дека иако некои општини имаат проекти за изградба на бунари за наводнување зеленило со подземна вода, сепак сè уште најголем дел од нив го користат водоводниот систем за полевање. Од претпријатието посочуваат дека иако не се фактурира, започнале со поставување водомери на приклучоците на парковските мрежи за да се измери потрошувачката на вода за таа намена.
Од ЈП „Паркови и зеленило” информираат дека за полевање еден дел од зеленилото низ градот се користи бунарска вода, додека другиот дел се полева од градскиот водовод.
– Во текот на летните месеци одржувањето на зеленилото секако бара постојана грижа, при што нашите екипи редовно вршат косење на тревните површини, собирање на искосот од тревниците, полевање – наводнување на јавните зелени површини, поткастрување и обликување на вегетацијата, прашење на цвеќињата, како и секојдневно чистење и собирање отпадоци од зелените површини. Полевањето на зеленилото во овие летни месеци поради високите температури и по препорака со ЈП „Водовод и канализација” поради заштеда на водата се врши во раните утрински часови до 9.00 часот, се вели во соопштението од ЈО „Паркови и зеленило”.
Посочуваат дека во Градскиот парк и блоковското зеленило во Општина Аеродром се полева со вода од бунари, додека, пак, останатото зеленило го полеваат со вода од градскиот водовод. Онаму каде што нема вграден систем за полевање наводнувањето се врши со цистерни.
– Во Градскиот парк вкупно има десет бунари, а петнаесет бунари има во Општина Аеродром, информираат од ЈП „Паркови и зеленило”.
Рекордери во Европа со 118 кубни метри вода годишно по глава на жител
На национално ниво, според податоците на Еуростат, трошиме 118,2 кубни метри вода по глава на жител, што нè прави рекордери во регионот. Македонците на годишно ниво трошат повеќе вода од жителите на Словенија, Босна и Херцеговина, Бугарија и Косово заедно.
Од регионот следни по потрошувачка на вода се Грците со 94 кубни метри по глава на жител, Србите со 44,6, Словенија со 38,1, Бугарија со 35,9, Турците со 32,2 , Босна и Херцеговина 28,5 кубни метри и Косово 28,4 кубни метри вода.
Состојбата со водата како ресурс во Европа според податоците на Еуростат од 2017 година се проценува како одржлива на долг рок за поголемиот дел од континентот. Сепак, специфични региони може да се соочат со недостиг на вода, особено јужните делови од континентот.
Според податоците на Еуростат за потрошувачката на вода од јавните водоводни системи по глава на жител, најмногу 94 кубни метри на годишно ниво трошат Грците, а најмалку Романците со 25,1 кубни метри вода годишно. По Грција следуваат Кипар со 91,7 кубен метар и Луксембург со 74,9 кубни метри годишно по жител. По нив е Норвешка со 70,8 кубни метри, Франција со 51, Австрија со 48,5 и Германија со 43,9 кубни метри по глава на жител. Најмалку вода по глава на жител во ЕУ, според Еуростат, трошат жителите на Романија со 25,1 кубни метри вода по глава на жител, Чешка 30,6 кубни метри, Унгарија 34, Бугарија 35,9 и Словенија 38,1 кубни метри вода годишно.