Мнозинството Македонци имаат впечаток дека политичките односи меѓу Македонија и Грција се драстично подобрени во изминатава година. На анкета на ИПИС во 2016 година, 12 отсто од испитаниците одговориле дека политичките односи со Грција се добри или донекаде добри, додека во најновото истражување дури 51 отсто, или половина од граѓаните, сметаат дека политичките односи меѓу двете земји се подобрени.
Или, ако во 2016 година 54 отсто од испитаниците сметале дека билатералните односи меѓу двете земји се лоши, сега тој впечаток го имаат само 15 отсто од нив.
Граѓаните имаат впечаток дека се подобруваат и односите на економски план. Лани 27 отсто од нив верувале дека на економски план соработуваме многу лошо, додека една година подоцна само 16 отсто од граѓаните размислуваат така.
На прашањето „Како би ги оцениле односите генерално, ако го тргнеме на страна спорот со името?“, повеќе од половина или 67 отсто одговориле со „добри“ или „донекаде добри“, додека само 25 отсто сметаат дека надвор од спорот со името односите меѓу двете земји се лоши или донекаде лоши.
Граѓаните се оптимистични дека односите меѓу двете земји во иднина ќе се подобрат. 45 отсто одговориле така на анкетата, додека 15 отсто мислат дека ќе се влошат.
Кај Македонците се уште има силна желба да се биде дел од евроатланската алијанса. 64 отсто одговориле дека ќе гласаат „за“ доколку утре има референдум за влез на Македонија во ЕУ, додека 18 отсто рекле дека ќе гласаат против. Што се однесува до НАТО, 66 отсто се изјасниле дека ќе гласаат „за“, а 15 отсто рекле дека ќе гласаат „против“.
Анкетата ја спроведе Институтот за Политички Истражувања од Скопје (ИПИС) во периодот помеѓу 16 и 21 декември 2017 година, врз 1113 полнолетни испитаници на ниво на Република Македонија. Истражувањето е направено во соработка со Универзитетот Колумбија од Њу Јорк, преку проект финансиран од Норвешката Влада.