Дете – убиец го повлече чкрапалото во Белград, и лавината на трагедии продолжи во Младеновац. За само еден ден во соседна Србија во Министерството за внатрешни работи се пријавени повеќе случаи во кои деца, ученици, симулирале пукање, инспирирани од крвавиот пир, ученик донел пластичен пиштол, направил список на ученици имитирајќи го 13-годишниот убиец, на социјални мрежи дури се појавија коментари од ученици кои на момчето гледаат како на ,,херој” и без трошка емпатија коментираат за трагедијата.
За сите кои мислеа дека ова се случува само во далечната Америка, настаните чии главни протагонисти беа дете и млад човек, им ги демантираа уверувањата и ја покажаа нашата нова реалност.
За генерации чии херои им се ликови од реални шоу програми, докажани криминалци и насилници, и на кои уште од најрана возраст им се достапни насилни содржини на телевизија и интернет, во кои негативците се прикажани како ликови кои се во тренд, воопшто не треба да изненадуваат последните трагични случувања.
Она од кое стравува јавноста е дека ова е само почеток и мора од темел да се менува поставеноста на општествените вредности, но и да воведе строга контрола при давање на дозволи за поседување на оружје, како и ригорозни одредби за негово чување.
Во Македонија, како и во Србија, поседувањето на оружје е нешто сосема вообичаено. Речиси во секоја втора куќа има ловџиска пушка, пиштол за лична заштита, муниција. Колку и какви точно контроли се вршат околу начинот на нивно чување, од страна на надлежните служби, нема евиденција.
Граѓаните во Македонија нелегално поседуваат од 100.000 до 450.000 парчиња оружје- наведено е во репортажата објавена по истражувањето на Small Arms Survey во 2004 година, во проектот ,,Кршлив мир – Пиштоли и безбедност во Македонија после конфликтот”.
Како што е појаснето во ова специјално истражување, спроведено од страна на SAS, независен истражувачки проект, лоциран во Институтот за интернационални студии во Женева, Швајцарија, цивили во земјава легално поседуваат околу 140.000 парчиња оружје, додека пак бројките на нелегално поседуваното оружје се движат од 100.000 до 450.000 парчиња. Колку се променети овие бројки во тек на изминатите 19 години, односно од 2004 година кога е направено истражувањето до денес, со прецизност не може да се тврди, но сепак факт е дека во земјава во голем број на домови се чува огнено оружје.
Ловечки пушки, пиштоли за лична заштита, муниција, колекционерско оружје… може да се најде во многу домови, а според SAS, во Македонија на сто жители има 29,8 парчиња оружје.
Како се доаѓа до оружје во земјава е пропишано со Закон за оружјето. Според законот, оружје и муниција може да се набавува само врз основа на одобрение издадено од Министерството за внатрешни работи.
Одобрение за набавување на оружје може да се издаде на физички лица заради заштита на нивната личност и имот, за лов и спортско стрелаштво. Одобрение за набавување на делови на оружје и одобрение за набавување на муниција се издава на физички или правни лица кои поседуваат важечка дозвола за оружје или дозвола за поседување на оружје.
Правните лица кои вршат приватно обезбедување во вид на давање на услуги или приватно обезбедување за сопствени потреби можат да набавуваат оружје врз основа на одобрение, заради заштита на лицата и имотот или за вршење на дејноста приватно обезбедување. Одобрение за набавување на спортско и ловечко оружје може да се издаде и на стрелачки и ловечки друштва, како и на правни лица-корисници на дивеч во ловишта.
За едно физичко лице добие одобрение за набавување на оружје, мора да има наполнето 18 години, да не му е одземена или ограничена деловната способност, здравствено да е способно да поседува и носи оружје, да не претставува опасност за јавниот ред, да има оправдана причина за набавување на оружје, да располага со техничко знаење за правилна употреба, чување и одржување на оружјето и познавање на прописите за оружје и да има живеалиште на територијата на Македонија со важечка лична карта.
Одобрение за набавување на кусо огнено оружје со жлебена цевка и долго огнено оружје со жлебена цевка на физичкото лице се издава врз основа на претходно поднесено писмено лично барање за издавање одобрение за набавување на оружје, ако физичкото лице има наполнето 25 години живот, освен ако лицето не е активен член на стрелачко друштво подолго од две години.
На физичките лица кои сакаат да добијат одобрение за набавување на оружје им се врши лекарски преглед за утврдување на здравствената способност за поседување и носење на оружје, листата на болести и здравствени состојби што го прават лицето неспособно за поседување и носење на оружје, како и начинот и постапката на издавање на лекарското уверение.
Се смета дека постои опасност за јавниот ред ако физичкото лице правосилно е осудено за кривично дело сторено со умисла, кое се гони по службена должност, ако физичкото лице правосилно е осудено за прекршок против јавниот ред и мир со елементи на насилство и постојат други околности кои укажуваат дека оружјето може да биде злоупотребено, а особено кога лицето е регистрирано во евиденцијата на надлежните органи за често и прекумерно консумирање алкохол или употреба на наркотични дроги и психотропни супстанции, потешко нарушување на односите во семејството, местото на живеење, образовната установа или на работното место, семејно насилство и слично.
Ако против физичкото лице во тек е постапка за кривично дело, а лицето ги исполнува другите услови за издавање на одобрение за набавување на оружје, надлежниот орган ќе ја прекине постапката за издавање на одобрение до донесување на правосилна одлука во кривичната, односно прекршочната постапка.
Дозволата за оружје се издава со рок на важење од десет години, а на лица постари од 65 години живот со рок на важење до пет години.
Според законот за оружје, има строги прописи околу тоа како се чува, носи и пренесува оружјето. Сопственикот е должен да го чува на начин што ќе оневозможи пристап на неовластени лица.
Забрането е носење и употреба на оружје на јавно место, освен за работниците кои вршат работи на обезбедување на лица и имот во државните органи и правните лица, согласно со прописите за обезбедување на лица и имот.
Не е дозволено носење на оружје и имитација на оружје која видливо не се разликува од од оружје на начин кој ќе ги вознемири граѓаните или на начин на кој оружјето ќе биде видливо, и кога се пренесува оружјето, тоа мора да биде расклопено. Кога е ловот во прашање, забрането е ловечкото оружје да се носи и употребува надвор од ловиште или стрелиште. Надвор од ловиштето или стрелиштето сопственикот или корисникот на ловечкото оружје е должен ловечкото оружје да го пренесува во соодветна футрола, а муницијата мора да биде одвоена од оружјето.
Дали и колку се почитува кај нас Законот за оружје, и дали надлежните институции можат да спроведуваат редовни контроли врз сопствениците на оружје, околу начинот на кој тие го чуваат, носат и пренесуваат е прашање кое се отвори во јавноста, по немилите настани во Србија.
Дали и кај нас деца и младинци имаат лесен пристап до оружјето кое нивните родители го чуваат во домот? Дали и кај нас се носат деца на вежбање на стрелишта или во лов, за да бидат обучени да пукаат уште од мали нозе? Голем број на фотографии објавени на социјалните мрежи, тоа од страна на ,,горди” родители, сведочат дека тоа е така.
Двоцифрениот број на жртви, двоцифрениот број на повредени кои се борат за живот по овие масакри во Србија не смее да остане само статистика, а алармот веќе треба да биде вклучен и кај нас.
Вики Клинчарова