Претставници на македонското малцинство во Бугарија денеска беа на средба со претседателот Стево Пендаровски. По средбата, тие во заедничко соопштение рекоа дека му ги изложиле серијата проблеми со кои се соочуваат тие, заедно со мноштво примери за систематската дискриминација и институционализиран говор на омраза против Македонците во Бугарија.
Тие на претседателот му ги соопштиле своите позиции меѓу кои и пораката дека отворените прашања меѓу двете земји треба да се решаваат преку примена на принципот на реципроцитет и заемна почит.
-Заради нашата етничка припадност ние сме постојан објект на говор на омраза, кој никогаш не се казнува и сме стигматизирани како непријатели на државата. Преку сето тоа сме систематски маргинализирани и исклучени од општествениот и политичкиот живот на земјата во која живееме. Нашите обиди да си ги бараме и штитиме правата преку бугарските институции константно се отфрлани и блокирани. Бугарските власти одбиваат да започнат дијалог со нас за постоечките проблеми независно од редовните препораки кон нив за тоа од страна на институциите во рамките на Советот на Европа и 14 пресуди од страна на Европскиот суд за човекови права. Претседателот Радев не само што нема прифатено ниту едно од нашите барања да не прими, но дури и не нема удостоено со било каков одговор, стои во позициите.
Македонците од Бугарија напоменуваат дека овие проблеми никогаш официјално не се поставени од страна на македонските влади пред Софија.
-Ние сме револтирани од барањата на Бугарија Македонија да се откаже од македонското малцинство во Бугарија и дури да изјави дека такво не постои. Прифаќањето на такво скандалозно барање под било каква форма ќе значи раскин на врската меѓу македонската држава и македонското малцинство во Бугарија и во суштина – велепредавство. Единственото правилно и достоинствено решение е и двете малцинства – македонското во Бугарија и бугарското во Македонија – да добијат идентични права согласно меѓународните стандарди за правата на малцинствата. Двете малцинства треба да се претворат во мост за зближување, а не причина за конфликт. Така ја гледаме ние својата ролја – како дел од решението, а не од проблемот, стои во позициите.
Се додава дека тезата дека застапувањето за правата на македонското малцинство претставува мешање во внатрешните работи во Бугарија е целосно неоснована, зашто од една страна правата на човекот не се ексклузивно внатрешно прашање на која и да било држава, а од друга – Бугарија отворено се меша во корист на Бугарите во Македонија.
-Би сакале македонската држава да одржува активна комуникација со македонските организации во Бугарија во рамките на меѓународно прифатените стандарди. Се надеваме оваа средба да сврти нова страница во односот на македонската држава спрема македонското малцинство во Бугарија и да стави почеток за нова позитивна традиција. Вие и претставниците на македонските државни институции исто како и бугарските сте секогаш добро дојдени како гости на нашите јавни манифестации во Бугарија, порачаа претставниците на македонското малцинство.