Македонците не се воодушевени од електронските картички на патарините: Дали вадиме пари или картичка, сеедно, мораме да застанеме!

by fokus

Повеќе од еден месец на автопатските делници од Коридорот 10 низ земјава, патарина се плаќа и со смарт паметна картичка. Истата може да се набави на бензинските пумпи, на сегашните наплатни станици за патарина и на граница, а потоа ќе може и да се надополни, и тоа преку телефон, лаптоп, односно преку посебна апликација.

Картичка се набавува само еднаш и потоа само ќе се надополнува и ќе чини онолку колку што ќе има кредит на неа, а воведувањето на картичките е со цел да се намали чекањето на наплатните станици. Исто така, плаќањето со смарт картичка е поевтино за околу 2 до 7 проценти од редовната цена, односно, на пример ако редовната патарина изнесува 60 денари, со смарт картичка ќе платите 59 денари.

Сепак, според вработени на патарините, со кои разговараше дел од екипата на ,,Фокус”, интересот за паметните картички не бил посебно голем.

-Се случува во тек на ден да се продадат две до три картички, обично луѓето купуваат за 300 до 500 денари, барем таков е случајот на нашата наплатна рампа. Нема посебен интерес, можеби уште е рано и јавноста не е доволно запозната со деталите – велат службеници од наплатните рампи на автопатот Скопје – Велес.

Она што во случајов ги иритира возачите е што иако е најавено дека уредот за електронска наплата овозможува плаќање без застанување, сепак не е баш без застанување. Возачот мора да запре пред читачот и да ја приближи електронската картичка, по што ќе биде подигната рампата.

-Треба да го запрам возилото, да ја вадам картичката, да ја ставам на читање. Која е разликата дали вадам пари на патарината или пак картичка, сеедно мора да се запре, макар и на една минута – реагираат возачи кои веќе купиле смрт картички и апелираат за посовремен начин на плаќање на патарините, како на пример во соседна Бугарија, каде се вадат безконтактни картички со траење од недела дена, месец или пак цела година.

Во првиот месец откако стартуваше плаќањето со електронски картички, поточно од почетокот на јули, па се до почетокот на август биле продадени над 5.000 картички, односно се купувале во просек околу 200 картички дневно на ниво на целата земја.

Вики Клинчарова

Поврзани новости