Продолжениот празничен викенд беше причина илјадници Македонци да заминат во соседна Грција, каде веќе започна туристичката сезона. Покрај нашинците, во познатите летувалишта веќе се пристигнати и големи групи на туристи од Србија, Романија, Косово, Бугарија.
Исполнети сместувачки капацитети и плажи, раздвиженост по улиците и угостителските локали, како и низ локалните продавници, беше актуелната слика во Грција деновиве.
Цените се слични како и минатата година. Ноќевање за едно лице во хотел изнесува од 25 евра, па нагоре, може да се најдат и апартмани за 30 евра од вечер, а лежалка на плажа со кафе е четири евра.
Безалкохолните пијалоци во локалите се движат околу три евра, коктелите од шест до десет евра, а слични се и цените на алкохолните пијалоци.
Традиционалното грчко гиро најчесто се продава по цена од три евра, но сумата може да варира во зависност од додатоците и големината, а актуелни се и пакет понудите на гиро и безалкохолен пијалок за 4,5 евра.
Во повеќето ресторани, цените на храната се непроменети од лани. Оброк за едно лице, рибен или месец специјалитет се нуди од околу шест евра, па нагоре, салатите се од околу четири евра за грчка или зелена, па и до десет евра за оние со разни додатоци.
Поради празничниот викенд и дискотеките имаа интересна забавна програма, па така на пример, викендов во Паралија, место каде често летуваат нашинци, свои концерти имаа Јелена Карлеуша и Аца Лукас.
За време на концертите, дискотеката Голд беше преполна со нашинци, а актуелни се и дневните забави на луксузниот плажа бар Мандала.
Вики Клинчарова