Македонец кој живее на дваесетина километри од украинскиот главен град Киев, открива каква е состојбата во земјата. Станува збор за Игор Ангелов, кој е оженет за Украинка од 2014 година, од кога живее во селото Зазимија во Киевската област.
-Ќе гориме во пеколот. Утрово свиреа сирени. Живееме на 23 км од центарот на Киев и се слушнаа два силни удари. На работа не одиме, леб не успеавме да купиме… Купив брашно и квасец и неколку литри млеко. Струја и плин засега имаме, ќе видиме само до кога – рече тој за Струмица Денес.
Мери Амбросова, Македонка која веќе неколку живее во Украина со сопругот Украинец, на Инстаграм објави видео како со автомобил и со својата ќерка се обидува да излезе од Украина и да дојде кон Македонија.
-Украина е огромна и само да ја превозиме треба 10 часа и знаете дека затворени се и границите. Да се надеваме дека мене како странец ќе ме пуштат и дека на мојата ќерка Марта ќе ѝ дадат исто така дозвола да премине. Сопругот останува тука. Добри сме. Тука сите се истревожени – раскажа таа.
Амброзова сведочи дека Киев бил блокиран, насекаде има невидени гужви, меѓу луѓето владее паника дека нема да имаат ниту за храна, ниту за бензин…