Факт е дека постојат Македонци во Бугарија, тоа не може никој да го негира. Јас имам пријатели таму кои живеат. На кој начин тоа ќе се надмине е политичко прашање, во кое не би навлегувал, вели еден од копретседавачите на Мешовитата комисија за историски и образовни прашања, професорот и историчар Драги Ѓоргиев во емисијата „Топ тема“.
Историчарот смета дека е потребна промена на учебниците по историја, но не затоа што тоа го сака Бугарија.
-Сега секоја идеја за промена на наставата по историја во основното и средното образование се доживува како диктат од страна на Бугарија што не е точно. Нашите учебници се зрели за промена. Тие се од 2005-2006 година. Промената треба да биде поради нас самите, а не затоа што некој притиска, иако конотацијата така се доживува дека работиме под диктат, додава Ѓоргиев.
Според него, историската комисија нема никаква улога во носењето на одлуката за заедничко чествување на Гоце Делчев, меѓу Северна Македонија и Бугарија, вели потпретседателот на Мешовитата комисија за историски и образовни прашања Драги Ѓоргиев, посочувајќи дека одлуката е политичка.
-Јас овој политички гест го гледам како добра волја, како политичка волја на двете држави да ја релаксираат политичката атмосфера, во однос на тие најчувствителни горливи теми што постојат, додава тој.
Ѓоргиев верува оти треба јавноста да биде информирана на извесен начин, дека наспроти тоа што комисијата се уште дискутира и не може да најде решение за тоа заедничко чествување на Делчев, владите на двете држави како гест на добра волја носат одлука заеднички да го чествуваат и го прават тоа.
Тој додаде дека се работи за чиста политичка одлука на владите и оти комисијата нема никакво учество во тоа, како и дека продолжуваат да дискутираат за Делчев.
Тој ништо против да се замрзне работата на комисијата додека не се релаксира политичката атмосфера во двете држави. Замрзнувањето на работата на комисијата на одреден период не би значело ништо, а можеби би придонело многу повеќе за другите работи меѓу Македонија и Бугарија да тргнат напред.